Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

Живојин Глишиќ

Пензиониран

Живојин Глишиќ

Група наставни предмети од областа на теоријата на музиката со композиција

email: zivoin_glishik@yahoo.com

Живојин Глишиќ е роден на 27.07.1954 год. во Скопје, Р.Македонија. Основното образование го завршил во Скопје во О.У.Ј.Х.Песталоци. На десет годишна возраст започнува да покажува интерес за музика. Како самоук на гитара, во дружењето со композиторот, аранжер и диригент Драган Ѓаконовски -Шпато, основоположник на популарната и џез музика во Македонија, покажува интерес за популарна и џез музика со посебен интерес према хармонските особености на џезот. По завршувањето на основното образование се запишува во Средното музичко училиште во Скопје во кое покрај теоретските дисциплини изучува труба и пијано. Во тоа време  ги создава и првите композиции со кои се појавува на фестивалите на популарна музика во Скопје и Опатија. Истовремено посветува поголемо внимание на изучувањето на џезот и јужно американската музика, а со започнувањето на средното образование соработува со повеќе естрадни ансамбли како гитарист, трубач  и аранжер. Во ова време ја започнува и соработката со Биг Бендот на РТС како гитарист.

По  завршувањето на средното образование  се запишува на Факултетот за музичка  уметност во Скопје на одделот за музичка теорија и педагогија. По консултациите со композиторот и професор Томислав Зографски решава да се запише и на одделот по композиција. Во тој период создава композиции кои покрај класичниот приод  вклучуваат и елементи на македонскиот фолклор и елементи на џезот. Студиите по композиција  во класата на професорот Зографски беа од големо значење за запознавањето на Глишиќ со класичните и современите композиторски вештини. Во ова време добива подршка од страна на професорот за својата ориентација кон џезот и фолклорот. Од тој период се издвојуваат “Пет минијатури за пијано”, Хорската композиција работена според народната песна “Марика мома убава”, ”Гудачки квартет’’, ”Кончертино за гитара и симфониски оркестар”, “Суита за вибрафон, електрична гитара и виолончело” и други композиции.

Глишиќ  ги завршува и двата оддели на ФМУ. Како дипломска работа на одделот по композиција ја пишува кантата “Самуил” на текст од Анте Поповски, - за машки хор и симфониски оркестар.

 

ОСНОВНИ ПОДАТОЦИ ЗА ДВИЖЕЊЕ ВО КАРИЕРАТА 

- Од 1979 година се вработува во Македонската Радио Телевизија како гитарист во народниот оркестар, а подоцна и како солист на гитара во Биг Бендот. Работата во овие два оркестри како и соработката со голем број музичари со различна стилска и жанровска ориентација му овозможува на Глишиќ да се профилира во аранжер на популарна, традиционална, детска, а особено џез музика, за што сведочат над 250 аранжмани и 21 награда за најдобар аранжман на фестивалите во државата и во странство. Најзабележителна  од наградите е наградата за најдобро обработена фолклорна тема на смотрате на Биг Бенд  оркестрите во Раденци, Република Словенија во категорија на Биг Бенд оркестри на бившите Ју- простори, за композицијата “Со маки сум се родила”. Автор е на повеќе композици за Биг Бенд и солисти од кои поголем број се ставени на носачи на звук и на кои авторот најчесто се појавува како солист на гитара. 

Во 1984 година примен е во Друштвото на композиторите на Македонија. Од  1986 започнува  неговата соработка со џез групата “Jazzbina” од Загреб  во која членува како гитарист, композитор и аранжер. Оваа соработка резултира со еден ЛП  и еден ЦД носачи на звук на кои се наоѓаат и две композиции на Глишиќ, - ”Разденување” специјално пишувана  за оваа ко-продукција и композицијата “Пасаж”. Со оваа група се реализирани повеќе настапи низ Европа и во бившите Ју- простори. 

По нарачка на Загребско Биенале, во 1987 година, Глишиќ  ја напишал композицијата “Одрон“ - зa флејта и удиралки. Композицијата ја изведоа  Ив Пјер Арто (Франција) на флејти и Игор Лешник (Р.Хрватска) на удиралки. 

Во 1989 беше прераспореден на работно место уредник – продуцент во Музичката продукција на МРТ, а истата година е избран за асистент на ФМУ Скопје, по предметите хармонија и полифонија. 

Во 1993  год. настана композицијата “На убавиот син Охрид” за симфониски оркестар според народната песна  со европски манири ”Билјана платно белеше”. 

Во 1993-94 год. го напиша Концертот за контрабас и камерен оркестар кој е изведен  во феврури 1994 во Шуберт салата во Виена. 

Во 1996 година избран е за доцент на Ф.М.У. 

Во 1999 год. МРТ Скопје организира авторски концерт на Живојин Глишиќ со Биг Бендот на МРТ на кој авторот настапи како солист на гитара . Во меѓувреме редовно се појауваше како автор на манифестацијата Денови на македонската музика. 

Во 2000-та година е избран во звање вонреден професор. 

Во 2003 година го  обработува за пијано народното оро „Пајдушко“ од кое настанала композицијата “Прелудиум и Пајдушка”, која најголемиот македонски пијанист Симон Трпчески ја изведе над 120 пати на најголемите светски сцени. Композицијата со виртуозен карактер донесе ново видување во третманот на фолклорот во спојот со џезот и класичниот приод што на овој 5/16 такт му даде нова димензија, широко прифатена од критиката и од публиката. Композицијата е снимена  за дискографската куќа ЕМИ КЛАСИК и за Дојче радио. 

Во 2005 година е избран за редовен професор по група предмети од областа на теоријата на музиката и копмпозиција. 

Истата година по нарачка на Ансамблот Танец ја напишал хорската композиција со духовен карактер “Псалм 109” на текст од Михаил Ренџов со која хорот на ТАНЕЦ настапи во Сплит, Р. Хрватска. Со овој хор е остварена уште една соработка со обработката на народната песна “Море сокол пие“ за мешан хор и како солист легндарниот поп пејач Тоше Проески. 

Во 2008 година како нарачка за отварање на ДММ ја обработи  народната песна  “Кажи, кажи либе Стано” - за симфониски оркестар, баритон и сопран. Истата година, по нарачка на перкусионистот Мартин Вучиќ, за група која ја сочинуваат 4 перкусионисти, клавијатури, хармоника бас гитара и изведувач на кавал, гајда и тамбура , Глишиќ ги обработи  ората кои беа во репертоарот на гајдаџијата Пеце Атанасовски и направи 9 композиции и тоа; „Беше еднаш една лиса“,„Самба де калајџи„,преработка на „Прелудиум и пајдушка„,  „Рум ,дум техно дум„, „Зајдисонце во Топаана„, „Комитска приказна„ , „Пиринска суита„, „Jana,s day,Jana,s dance,„ и „Чучук денс„. Проектот насловен “ Звуците од Македонија”, премиерно го изведе ансамблот ”PER-EX”  на меѓународниот фестивал “Охридско лето” 2008 год.

 

Творештво (селективен избор)

-Самуил – кантата за машки хор и симфониски оркестар на текст од Анте Поповски .

-Концерт за контрабас и камерен оркестар.

-Кончертино за електрична гитара и симфониски  оркестар.

-На убавиот син Охрид - композиција за симфониски оркестар

-Кажи, кажи либе Стано - за сопран ,баритон и симфониски оркестар.

-Карпошко оро за соло тромбон и голем  дувачки оркестар.

-Гудачки квартет

-Одрон - композиција за флејти и удиралки.

-Суита за вибрафон, виолончело и електрична гитара.

-Чучук  денс, Самба  де калајџи, Зајдисонце во Топаана, Беше  еднаш една лиса, Комитска приказна, Прелудиум и Пајдушка, Рум, дум, техно дум, Пиринска суита - за ударни инструменти, клавијатури и хармоника, бас гитара, кавал, гајда и тамбура.

-Прелудиум и Пајдушка-композиција  за пијано.

-Пет минијатури за пијано.

-Марика мома убава за мешан хор.

-Псалм  109 - композиција  за мешан хор.

-Море сокол пие  –за тенор и мешан хор.

-Ајде Милке да бегаме - за детски хор.

-Музика за ТВ серија.

 

Композиции од областа на џезот за Биг Бенд

-Октомври, Дерсу, Не си го продавај Кољо чифликот, Експект, Топлес, Лапад, И после се, Елизабета, Со маки сум се родила, Самба де Скопје, Пасаж, Хелоу рок, Карпошко оро, Оваа наша ливада, Разденување и др.

Над 250 аранжмани  за инструментални и вокално инструментални состави од  различни области и жанрови.

 

Награди

-Награда за најдобро обработена традиционална тема на смотрата на Биг Бенд оркестри 1989 год. во Раденци-Р.Словенија за композицијата “Со маки сум се родила”.

- 21 награда за најдобар аранжман на фестивалите од областа на популарната музика, фолк фестивалите и детски фестивали