Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

д-р Томе Манчев

Пензиониран

д-р Томе Манчев

Група наставни предмети од областа на теорија на музиката со композиција

email: tomemancev@hotmail.com

Композитор, професор д-р Томе Манчев е роден во Гевгелија 1950 год. Вљубен во музиката уште од првите допири со неа. За жал, како и многу други талентирани деца што се далеку од специјализираните центри за музичка едукација, определбата за музиката доаѓа релативно доцна: по завршувањето на гимназијата. Затоа пак, интензитетот на допирот, обземеноста е неверојатно. Треба, нели, да се надополни се што е пропуштено претходните години. Поради тоа на Високата музичка школа најпрво дипломирал на педагошкиот, наставно-теоретскиот и потоа на композиторскиот оддел во класата на Академик Проф. Властимир Николовски. Неговите студии на Високата музичка школа денешен Факултет за музичка уметност траеле од 1971-1979 год. Во 1977 година го следел летниот курс по композиција во Грожњак – Р. Хрватска под водство на Великиот Витолд Лутославски од Полска и Андре Лпорт од Белгија. Од овој курс Лутославски во списанието „Звук“ од 1977 год., изјави: „Од Југословенските композитори, најголем впечаток ми остави младиот колега од Скопје кој се служи со смели и неочекувани модуси во своите остварувања“. Во 1978 година учествува на интернационалниот курс по композиција во г. Олштин – Полска под водство на: Витолд Лутославски, Маријан Борковски, Влодзимир Котонски, Зигмунт Краузе, Богуслав Шефер, Збигниев Руджински, Тадеуш Натансон сите од Полска и Nigel Osborne – Англија.

Квалитетното музичко творештво е основна преокупација за Проф. Д-р. Томе Манчев. Таквите воспоставени речиси традиционални критериуми во неговото творештвото се забележуваат уште од првите чекори во осознавањето на научната музичка магија. Ретки се авторите кои со своите први композиции блеснуваат со сиот сјај. Манчев ја имаше таа среќа неговиот вокален циклус „Санаториумска балада“, создаден само една година по приемот во класата на Академик Проф. Властимир Николовски, значи 1975 година, да го привлече вниманието на стручната јавност при првата изведба на Средбата на Музичките академии од поранешна Југославија. Циклусот го изведоа мецо-сопранот Милка Ефтимова и пијаниската Љупка Хаџигеоргиева, а за начинот на подготовката и ефектот можеби е најдобар цитатот на Милка Ефтимова: „Делото предизвика најголем интерес на Смотрата на музичките академии на Бивша Југославија (Љубљана), за кој се подготвуваше програмата,“ вели таа. „Се подготвуваше во мошне тешки услови и во временски цајтнот. Бевме принудени да го навежбаме за само еден ден, што е навистина кусо време за дело од ваков карактер. Во подготовките, освен двете исполнителки, учествуваа Властимир Николовски и авторот Манчев. Изведбата предизвика... крајно воодушевување кај професорите од поранешна Југославија. Тие овој циклус го оценија како едно од најуспешните остварувања на Смотрите, а чудењето беше како е можно студент од прва година да создаде толку зрело, модерно и монолитно дело?“. Неговите квалитети беа забележливи и кај останатите дела создадени во овој период, на пример првите минијатури за пијано, а беа констатирани освен од нашата критика и од одделни реномирани странски музиколози. Овојпат ќе ја споменеме Панди Марјан, која во Будимпештанското списание „Музика“, а по преслушувањето на изведбата „Три скици“ за Дувачки квинтет во рамките на „Охридското лето 82“ напиша дека тоа сведочи за „суптилниот вкус на авторот“ и е пример за новите тенденции во нашата музика.

Д-р Томе Мачев со титулата доктор на музички науки се стекнал во 1999 година на државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија – Р. Бугарија, под менторство на проф. Димитар Сагаев. Неговата докторска дисертација под наслов „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“ добила високи оценки кои се огледаат во рецензиите на повеќе видни професори на софиската музичка академија.

Д-р Томе Манчев спаѓа меѓу најафирмираните автори кој во своето творештво негува индивидуален стил и јазик како негов личен творечки печат. Неговите дела: „Симфониета“, „Симфониска поема“, „Симфонија бр.2 – Паганофонија “, сите за симфониски оркестар, „Симфонија бр.3“ за гудачки оркестар, „Концерт за виолина и симфониски оркестар“, „Соната за виолина и пијано“, повеќе циклуси за глас и пијано, вокално-инструменталните дела: „Славјанофонија“-ораториум, кантатата „Татковина“, а особено неговото дело „Стара песна“ – концертни сцени за симфонсиски оркестар, претставуваат навистина оригинални остварувања.

Д-р Т. Манчев со својата оркестарска техника, длабоката инспирираност од изворите на народната музичка традиција, спретно постигнатата колоритност преку мошне оригиналните хармонски склопови, а не помалку значајната полифона техника, се атрибути произлезени од неговите студиски познавања на сите стилски композиторски и оркестарски техники од барокот па се до најсоврементите светски текови.

Д-р Томе Манчев во целост, ако може така да се каже, ги следи современите композиторски техники на изразување, но проткаени со длабок сензитивен тематизам, облагороден од далечната фолклорна традиција, се разбира поставена на централниот творечки пиедестал опкружена со селектиран, дозиран и рафиниран емоционален и рационален баланс на драмските и лирските драматуршки и севкупни естетски принципи.

„Делото „Егзодус-2001“ било наградено во 2002 година со наградата „Панче Пешев“ доделена од СОКОМ. Да напоменеме 1989 година со истата награда била наградена „Симфонија бр.2- Паганофонија“ и 1996 година „Стара песна“ – концертни сцени за симфониски оркестар.“ Да ги наброиме и позначајните други награди:

- Награда за стимулирање на домашно музичко творештво за 1986 страна, од Собранието на Републичката заедница на култура, за делото „Концерт за виолина и оркестар“ изведено од Македонската филхармонија во 1986 година;

- Награда за стимулирање на домашно музичко творештво за 1988 страна, од Собранието на Републичката заедница на култура, за делото „Симфонија бр. 2 „Паганофонија“, изведено од Македонска филхармонија 1988 година;

- Награда „ТЕХО“ 1978 година, за делото „Жетварска“;

- Награда „ТЕХО“ 1990 година, за делото „Војна“.

Сите овие дела но и поголемиот број кој не се спомнати, зборуваат за искусен автор кој со својот едукативен и творечки приод го претставуваат како пример за активен, ангажиран, искусен професор кој своите знаења со успех ги принесува на студентите од композиторскиот, диригентскиот и одделот по музичка теорија и педагогија, по предметите: : композиција, оркестрација, познавање музички инструменти, основи на оркестрацијата, техники на компонирање на 20-ти век, анализа на музичко дело, методологија на научно истражување, обавувајќи настава за додипломски, магистерски и докторски студии.

Делата на композиторот Д-р. Томе Манчев се изведени на повеќе манифестации и концерти во Македонија. Исто така неговите дела се изведени и во сите републики на поранешна Југославија: Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, потоа во Р. Чешка, Р.Полска, Р. Кина, Р. Русија, Украина, Албанија, Узбекистан, Австрија, Австралија, Бугарија и др.

Последните години, покрај творештвото, своето внимание во голема мера го насочува во педагогијата како професор на Факултетот за музичка уметност, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој несебично и прегорно им се посветува на студентите од сите погоре спомнатите оддели, трудејќи се преку најразлични форми да влијае врз нивното поцелосно и поефикасно образование. Од неговата композиторска класа произлезе Доцент М-р Валентина Велковска-Трајановска, композитор и магистер по Теорија на оркестрација, доцент на Факултетот за музичка уметност во Штип, која активно е вклучена во музичките текови на Република Македонија. Во тек се дипломантите Михајло Штерјев и Вулнет Таири, кои до септември 2008 треба да дипломираат а кои веќе успешно се претставија на неколку меѓународни композиторски семинари. Останатите студенти по композиција од класата на Проф. Д-р. Томе Манчев, се редовни учесници на сите концерти во организација на композиторската катедра при ФМУ. Редовно настапуваат на концертите за млади композитори при манифестацијата „Денови на македонска музика“. Потоа студентите на Т. Манчев активно учествуваат во сите проекти на Музичката Младина на Македонија, пред се на конкурсот за млади композитори: „Место на дискот“. Тоа значи дека од младите композитори се инсистира богата и плодна творечка активност, се разбира дела специјално напишани за оваа пригода. Потоа интернационалниот конкурс исто во организација на Музичка Младина на Македонија. Со еден збор студентите учествуваат во збогатувањето на македонското музичко творештво.

Педагошката активност на Манчев се одвива и на постдипломските студии како ментор, во чија класа магистрираа: Доцент М-р Валентина Велковска - Трајановска (Теорија на оркестрацијата), Вон. Проф. М-р Драган Даутовски (етномузикологија) и проф. М-р Гоце Гавриловски (Теорија на оркестрацијата), а во моментот е ментор на одделот по композиција на следните композитори: Васиќ Иван (Ниш, Србија), Фатос Љумани (Струга, Македонија) и Елвис Дуро (Тирана, Албанија); на одделот по Теорија на оркестрација: Дејан Зафировски (Македонија).

Проф. Д-р Томе Манчев е ментор и на докторантите: Доцент М-р Марија Ѓошевска, Доцент М-р Татјана Крстевска, Асистент М-р Владимир Талевски.

Рецезент на повеќе магистерски трудови од областа на теоријата и методиката на музиката, член на комисија на повеќе кандидати во одбрана на магистерски трудови, член на рецензентска комисија за подобност на докторски трудови, член на комисијата за одбрана на докторат, а воедно е и член на управата за постдипломски и докторски студии.

Д-р. Томе Манчев е автор и на повеќе студии сврзани со различни музиколошки или творечки аспекти. Исто така е еден од авторите на монографијата за Тодор Скаловски, издадена 2003 година од фондацијата на Трифун Костовски – МАНУ. Воведничарот Ѓорѓи Старделов вели: „Вториот дел на монографијата, кој претставува нејзино јадро и срцевина, е задлабочена, многу суптилна, музиколошки максимално компетентна анализа на неговите дела од кои како парадигматски за неговото севкупно творештво посебно се анализираат: Легендарната хорска творба „Македонско оро“, вокално инструменталната творба „Балтепе“, воспевот „Величанија Кирилу и Методију“ и соло песната „Шарпланинска приспивна“.

СОКОМ во 2001 година го издаде трудот на Манчев: „Движењето, суштински елемент кај симфониското творештво“.

Исто така Проф. Д-р Томе Манчев учествува во Макро-проектот „Историја на културата на Македонија“ под патронат на МАНУ, 1997 година, со трудот „Влијанието на македонското народно творештво врз инструменталната репродуктивна музичка мисла“.

- „Струшка музичка есен “ 1998 година со рефератот „Научни аспекти за потеклото на великиот австриски диригент Херберт Фон Карајан“, во Струга.

- ИРАМ – Факултет за музичка уметност, Скопје, 2005 година, со рефератот „Традиционалните музички инструменти, инспирација за македонските композитори од 20-ти и 21-иот век“, како и други реферати.