Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

д-р Бојан Ортаков

Редовен професор

д-р Бојан Ортаков

Групата наставни предмети од областа на теоријата на музиката

email: bojandortakov@yahoo.com

Бојан Ортаков е роден на 19. 01. 1963 година во Скопје. Дипломирал 1987 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на одделот по музикологија, во класата на проф. д-р Тома Прошев (тема: "Ернст Блох и музиката како надеж"). Во 1990 година, на истата институција ги завршува постдипломските студии по музикологија, со темата "Кон естетиката на византиско-словенската музика во Македонија", под менторство на проф. д-р Димитрие Бужаровски. Истата година, Ортаков е избран во звањето помлад асистент, по предметите Историја на музиката и Музикологија на ФМУ-Скопје. Во 1990-91 г. тој престојува на специјалистички студии во Торино, Италија, во класата на прочуениот естетичар на музиката, проф. д-р Енрико Фубини.  Во 2001 година на ФМУ-Скопје, Бојан Ортаков ја одбрани докторската дисертација под наслов "Акултурациските процеси во формирањето и развојот на македонската духовна музика во периодот IX - XIX век". Автор е на повеќе написи и студии, објавени во домашни и странски зборници и списанија, како и на преку 150 музички критики и рецензии во домашниот печат. Постојано е присутен со свои научни прилози, на манифестацијата "Струшка музичка есен", од 1984 година до денес. Учесник е на повеќе научни симпозиуми кај нас и во странство, меѓу кои се издвојуваат оние во Киев, 1998 г. (тема: "Православната монодија: нејзиното теолошко, литургиско и естетичко битие"); учеството на ЏЏ светски византолошки конгрес, одржан во Париз, 2001 г. со тема: "Towards the aesthetics of the Byzantino-Slavonic music in Macedonia" ("Кон естетиката на византиско-словенската музика во Македонија"); научниот симпозиум на ФМУ - Скопје, 2003 год. (тема: "Социологијата и музиката"); XVI меѓународна конференција на ИРАМ, одржана во 2010 год. на ФМУ - Скопје (тема: "Дејноста на Драгослав Ортаков како основоположник на музичката византологија во Македонија"). 

Денес, д-р Бојан Ортаков е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде ги предава предметите Музикологија,  Историја на музиката и Музичка палеографија, а десет години го предавал предметот Применета музика, на Факултетот за драмски уметности во Скопје. За делото "Ars Kukuzeliana" (СОКОМ, Скопје, 2004 г.), тој е добитник на наградата "Гоце Делчев" за научна дејност за 2005 година, како и на плакетата "Св. Кирил и Методиј", истата година на тој државен универзитет, за придонесот во развојот и афирмацијата на Универзитетот. Ортаков бил член на Советот на Министерот за култура при Владата на Република Македонија, како и член на Меѓународната фестивалска асоцијација "Europamusicale", со седиште во Минхен, Германија.