Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

м-р Борјан Цанев

Редовен професор

м-р Борјан Цанев

Оркестарско Диригирање,оркестар, Свирење оркестарски партитури и оперско студио

email: contact@borjancanev.com

Борјан Цанев дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија, Р.Бугарија. Од 1999 година е редовен диригент на Македонската филхармонија, а во 2001 година специјализира на Кралскиот музички колеџ во Лондон, В.Британија. Посетува мајсторски курсeви и пракса кај диригентите Сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а подоцна му асистира на Сер Колин Дејвис во Моцартовата опера "Дон Џовани" во продукција на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата "Аугуст Ман" за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ, а настапува и со Лондонскиот симфониски оркестар во рамките на мајсторскиот курс на Сер Колин Дејвис. Од 1999 година до денес, Цанев остварува бројни концерти со камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Македонија и странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска и др.). Во меѓувреме делува и како главен диригент на камерниот оркестар "Скопски солисти". Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи низа концерти со најреномираниот бугарски симфониски оркестар, а од 2006 година е назначен за редовен гостин–диригент на овој оркестар. Диригира и со ансамблот на Македонската опера и балет каде ја поставува премиерата на Моцартовата опера "Волшебната флејта". Покрај овие ансамбли, Цанев настапува и со други симфониски и камерни оркестри меѓу кои: симфонискиот оркестар "Станислав Бинички" - Белград, "Симфониета"-Софија, "Синфониета" при Кралскиот музички колеџ-Лондон, Симфонискиот оркестар при ДМА "Панчо Владигеров"-Софија, Симфонискиот орекестар при ФМУ-Скопје, камерниот оркестар на "Музичка младина на Македонија", ансамблот за современа музика "Алеа", Задарскиот камерен оркестар и др. Учествувал на голем број реномирани фестивали во земјава и странство, соработувајќи со реномирани солисти како Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Иља Гринголтс, Раби Абу Калил, Моника Лесковар, Гзавие Филипс, Кристиан Фрон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Серџо Тиемпо, Благој Нацоски, Ана Дурловски, Ана и Олег Кондартенко и др.

Борјан Цанев има остварено гостувања во Англија, Италија, Франција, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Чешка,Полска, а воедно има направено и трајни снимки за Македонската радио телевизија, Бугарското национално радио и "F.A.M.E'S - Macedonia".

Борјан Цанев е вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во 2010 Сојузот на композиторите на Македонија му ја доделува наградата “Георги Божиков“ за најдобра изведба на дела од македонски автори за 2009 година.