Пензиониран
д-р Ивица Зориќ
Хорско пеење, Свирење партитури, свирење хорски партитури
email: ivicazoric@yahoo.comРоден е 1948 година во Белград, Република Србија.
* 1973 дипломира на ФМУ во Скопје. Хорско диригирање учи кај познатиот македонски хорски педагог и диригент проф. Драган Шуплевски, Академик Тодор Скаловски и проф. Фимчо Муратовски.
* 2003 магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, од областа на музичката педагогија-методика на музичка настава, со магистерска теза “Хорското пеење во основното образование како една од најзначајните форми на колективното музицирање”.
* 2007 докторира на тема “Дигитален каталог за македонското хорско творештво”.
Педагошка дејност:
Од 1973 година работи како професор по солфеж и хор во Основното музичко училиште во Тетово каде работи и денес.
Во 1977 година го основа детскиот хор “Лале”, во 1981 година го основа и женскиот младински хор “Менада” со кои работи непрекинато до денес.
Од 1980 до 2007 година Директор на Државното Музичко Училиште во Тетово, на чија иницијатива училиштето го добива името Т.С. – Тетоец. Од 1997-2004 година е кординатор и педагошки раководител на средниот дел на паралелките од МУБЦ “Илија Николовски-Луј” од Скопје каде ги предава предметите: хорско пеење и хорско диригирање.
На негова иницијатива во 2004 година ОМУ “Тодор Скаловски – Тетоец” – Тетово се трансформира во ДМУ за основно и средно образование, под чие раководство како директор учениците на ова училиште освоиле 180 републички и 50 меѓународни награди и признанија.
Претседател е на рецензенската комисија за избор на учебници по музичко образование за основните училишта при Министерство за образование и наука на Република Македонија.
Претседател е на Комисијата за изготвување на наставни програми за основно и средно музичко образование по предметите солфеж и теорија на музиката.
Уметничка дејност:
Како деец во областа на културата во Македонија организирал над 1000 концерти на класична музика со реномирани домашни и странски уметници.
* Претседател е на Управниот одбор на Меѓународниот хорски фестивал “ТЕХО”.
* Иницијатор е и основач на Балканскиот Хорски Форум во Тетово во 1998 година во кој членуваат претставници од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и Романија.
* Член е на Европската хорска асоцијација АГЕЦ со седиште во Белгија како претставник на Р. Македонија во музичкиот комитет.
Како музички истражувач, теоретичар и педагог во областа на македонската хорска музика, учествувал на домашни и меѓународни собири, трибини и фестивалот во Крагуевац-Србија, на Балканскиот Хорски Форум во Тетово, на “Струшката музичка есен” повеќе пати, на Меѓународниот фестивал во Брашов – Романија, ИРАМ и др.
Член е на жири комисии на државни и меѓународни хорски фестивали во Македонија и странство.
Концертна дејност:
Во македонската и меѓународната културна јавност е познат пред се како реномиран хорски диригент. На репертоарот на хоровите со кои работи редовно се застапени композиции од најразлични стилови и периоди од македонската и светската хорска акапела и вокално-инструментална музика. Со хоровите “Лале” и “Менада” има остварено повеќе од 1000 настапи во земјата и странство.
Со овие два хора добитник е на награди и признанија во Македонија, поранешна Југославија и Европа. Како диригент со хоровите настапувал на фестивали, конкурси и концертни турнеи во Албанија, Бугарија, Србија, Грција, Словенија, Турција, Романија, Италија, Австрија, Германија, Чешка, Полска, Шпанија, Шведска, Холандија, Данска, Португалија, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Со хоровите учествувал во изведба на вокално-инструменталните дела “Стабат Матер” од Перголези, “Огледало” и “Псалми” од С. Стојков и “Деца на Македонија” од С. Тошески.
Редовен учесник е на меѓународниот хорски фестивал “Тетовски Хорски Одѕиви”-ТЕХО во Тетово од 1979 до денес.
Посебна карактеристика на програмските и изведувачки активности е редовна застапеност на дела од македонските автори како и праизведби од македонските композитори. Композиторите Тодор Скаловски, Михајло Николовски, Благој Цанев, Димче Николески, Стојан Стојков, Стојче Тошески, Герт Сорг (Р. Германија) и Стојан Бабеков (Р. Бугарија) посветиле композиции на него како диригент и на хоровите со кој што работи.
На репертоарот на хоровите поставил 400 хорски композиции од различни стилови и епохи на 20 светски јазици.
Настапува на сите значајни културни манифестации “Охридско лето”, “Штипско лето”, “Денови на македонска музика”, “Есенски музички свечености”, “Струшка музичка есен”, “Десет дена Крушевска Република” и др.
Награди:
На Републичкиот фестивал на младински пионерски хорови во Кавадарци, со детскиот хор “Лале” добитник е на
-први награди во 1980,1982,1986,1990, 1992,1996, 1998, 2000, 2004 и 2006 година.
-втори награди во 1984 и 1994 година.
-На истиот фестивал, со младинскиот женски хор “Менада” освоил единаесет златни плакети во 1982,1984, 1986, 1990, 1992, 1994, 1996, 1998, 2000, 2004 и 2006 година.
-На индивидуален план, како диригент повеќе пати ја добива наградата за диригент на Републичкиот фестивал во Кавадарци, на “ТЕХО” во Тетово, како и награди за праизведби на дела од македонски автори.
-На натпреварот за Евровизија на ЈРТ во 1980 година со детскиот хор “Лале” со студиски снимки ја освоил Втората награда.
Како афирмиран и потврден музички уметник македонската музичка култура ја презентира на меѓународни хорски натпревари во странство каде ги освојува следните награди
-Прва награда, Добрич, Бугарија,1995 година
-Две втори награди, Литомишл, Чешка, 1995 година
-Прва и втора награда, Гисен, Германија, 1997 година
-Втора награда, Цеље,Словенија, 1981 година
-Трета награда, Цеље, Словенија, 1987 година
-Втора награда, Превеза, Грција, 1996 година
-Трета награда, Превеза, Грција, 1998 година
-Две први награди, Бад Ишл, Австрија, 2001 година
-Гранд-При, Бад Ишл, Австрија, 2001 година
-Награда на Град Берлин, 2001 година.
-Две први награди, Меѓународен Охридски Фестивал во 2009 година.
-Трета награда Меѓународен хорски фестивал Драган Шуплевски во Скопје, во 2002 година.
-На фестивалот во Хајновка, Полска во 1999 година доделена му е наградата за најуспешен диригент на фестивалот.
Трудови и публикации:
На планот на издаваштвото и публикацијата автор и уредник е на зборници за хорски композиции и на следните трудови
1. “Десет хорски творби од Тодор Скалоски”
- “ТЕХО” – 1985 година
2. “Анализа на Македонско оро од Тодор Скаловски”
- Струшка музичка есен – 1997 година
3. “Канонот во работата со хорот”
- Хорски фестивал “ТЕХО” – 1998 година
4. “Основното музичко образование и националната музичка културна состојби и перспективи”
- ФМУ – Институт за педагогија, Филозофски факултет – 2001 година
5. “Методи за добивање чиста интонација во хорот”
- Хорски фестивал “ТЕХО” – 2002 година
6. “Од хорското творештво на Стојан Стојков”
- Хорски фестивал “ТЕХО” – 2002 година
7. “Од хорското творештво на Тодор Скаловски”
- Хорски фестивал “ТЕХО” – 2002 година
8. “Македонска духовна музика од почетоците до денес”
- Меѓународен хорски фестивал во Брашов, Романија – 2002 година
9. “Од хорското творештво на Милто Вако”
- Хорски фестивал “ТЕХО” – 2003 година
10. “Индивидуалната настава и музичкото образование. Светските стандарди наспроти македонските тенденции”
- ФМУ, трибина – 2003 година
11. “Од хорското творештво на Михајло Николовски”
- Хорски фестивал “ТЕХО” – 2005 година
12. “Едукативните аспекти на македонското хорско творештво”
- ИРАМ - конференција Скопје – 2006 година
13. “Дигитален каталог за македонското хорско творештво”
- ИРАМ - конференција Скопје – 2007 година
14. “Ликот на педагошкиот раководител како предуслов за успешна работа со детски хор”
- Струшка музичка есен – 2009 година
15. “Хорската традиција во Тетово – хоровите Лале и Менада”
- ИРАМ - конференција Скопје – 2010 година
Досега остварил трајни тонски записи од македонски и странски автори во траење од околу 350 минути. Со хоровите “Лале” и “Менада” има издадено 2 ЛП, а со хорот “Менада” и 3 ЦД-а. На снимките се исполнети дела од македонската духовна музика, хорски композиции инспирирани од македонскиот фолклор како и дела од странски автори. Застапен е и на плочи и аудио-касети во изданија на хорскиот фестивал “ТЕХО”, Фестивалот на пионерски и младински хорови во Кавадарци и СОКОМ.
Општествени награди и признанија:
* Во 1979 година ја добива “19 Ноемвриската” награда на Собранието на Општина Тетово, а истата награда ја добива и со хорот “Лале” во 1981 и во 1987 година.
* Во 1982 година, Министерството за образование му ја доделува наградата “Кирил Пејчиновиќ”, за постигнати резултати во наставно-образовната дејност.
* Во 2005 година ја добива највисоката државна награда на Р. Македонија, “11 Октомври”.
* Во 2007 година од страна на Здружението на музички и балетски педагози на Р. Македонија доделена му е наградата за “Повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија”.
Активности на ФМУ:
Во учебната 2004, 2005 и 2006 година и ангажиран како проектен наставник на ФМУ, во тој период со факултетскиот хор “Драган Шуплевски” подготвил повеќе проекти со акапела и вокално-инструментални дела за концертните активности на факултетот, како и во рамки на докторските студии при што подготви поголем број композиции од кои некои за прв пат се изведени во Р. Македонија.
Во 2008 година е избран за Доцент по предмети од областа на хорското диригирање.
Ментор е на постдипломци од областа на хорско диригирање.
Член е на комисии за одбрана на магистерски и докторски трудови.