Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

м-р Михаило Куфојанакис

Пензиониран

м-р Михаило Куфојанакис

Виолина

email: mkufojanakis@yahoo.com

Михаило Куфојанакис е едно од најзначајните имиња во македонската музичка култура, во изминатите скоро три децении. Неговото виолинско мајсторство се развиваше низ сигурните и потврдени класи, најпрвин проф. П. Мисиркова, во средното музичко училиште, потоа на проф. Зоран Димитровски на ФМУ во Скопје, за да се формира на исклучително високо професионално - солистичко ниво, технички и музички беспрекорно созреано, а за обичниот восприемач привлечно за слушање и вистинско уживање, преку постдипломските студии кај познаттиот профессор и народен артист на Русија, Димитриј Циганов, на Државниот конзерваториум „П. И. Чајковски” во Москва. Денес, м-р Михаило Куфојанакис, како и неговите професори, е профессор по виолина на Факултетот за музичка уметност во Скопје, од чија класа произлегуваат многу македонски талентирани виолинисти.

Но, бездруго, патот од концертната сцена, до заслуженото музичко име, преку беспрекорната интерпретација, истражување и негување на кристално чистиот звук е долг и макотрпен. Куфојанакис тој пат го измина сигурно, убедливи и успешно, кој започна од меѓународните младински оркестри во Грожњан-Хрватска, Умеа-Шведска, Светскиот младински оркестар во Лондон и Фрибург, Оркестарот на ММ во Италија и Швајцарија, низ бројните настапи со Македонската филхармонија, Камерниот оркестар на МРТВ, Загребските солисти, Скопските солисти, Академикум музикум, Македонскиот камерен оркестар, Мандолинскиот оркестар Скопје и многу други, до успешните солистички претставувања низ повеќе европски земји, како Русија, Чехословачка, Бугарија, Австрија, Турција, Грција, поранешна Југославија. Завиден е бројот и на неговите фестивалски настапи и рецитали, гордо претставувајќи ги дострелите на македонската музичка уметност, како на домашната сцена, така и во странство: ДММ, ЕМС, Интерфест Битола, Гоцеви денови-Бугарија и Турција, Скопски културен мозаик во Загреб, фестивалите Охридско лето, Сплитско лето, Денови на југословенска музика во Херцег Нови.

Целото ова концертно-сценско богатство, надополнето со педагошкото искуство, еден уметник го издигнува до степен да биде репер и мерило за виолинската уметност, па така нашиот виолинист Куфојанакис често пати е член на повеќе меѓународни и домашни конкурсни жири комисии: Меѓународен натпревар „Музичари на новиот милленниум” -Скопје, Интернационален натпревар „Охридски бисер” - Охрид, Регионален натпревар во Приштина - Косово, Меѓународен натпревар во Приштина - Косово, Меѓународен натпревар „Патар Коњовиќ” во Белград - Југославија.

Звукот произведен со виолината на Куфојанакис претставува задоволство за слушателите. Тој музицира во стилска и мелодиско-ритмичка препознатливост на делата што ги изведува, а до овој степен на интерпретација стасува не само преку големата едукација, туку и богатата истражувачка работа на полето на звук, виолонската техника, методологија и филозофија, истовремено континуирано себе едуцирајќи се и предавајќи и се на музиката, авторот и публиката во целост на своите мнигубројни настапи. За нив Куфојанакис е наградуван со бурни, громогласни аплаузи, но и од професионалните институции - добитник е на бронзена плакета на меѓународниот меморијал „Фрањо Крежма” - Осиек, три први републички насгради, треата сојузна награда во Сараево, како и наградата на СМУМ „Златна лира” за врвни уметнички дострели во 1989 година.

Виолинската уметност на Куфојанакис на значаен број на дела од странски и домашни композитори е забележана и низ трајни тонски снимки на МРТВ, од кои е изведен запис на еден компакт диск, како и еден видео запис од концертот на Камерниот оркестар на МРТВ со солистички настап на Михаило Куфојанакис на фестивалот „Охридско Лето ‘91”.