Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

д-р Ивица Зориќ

Пензиониран

д-р Ивица Зориќ

Хорско пеење, Свирење партитури, свирење хорски партитури

email: ivicazoric@yahoo.com

Роден е 1948 година во Белград, Република Србија.

* 1973 дипломира на ФМУ во Скопје. Хорско диригирање учи кај познатиот македонски хорски педагог и диригент проф. Драган Шуплевски, Академик Тодор Скаловски и проф. Фимчо Муратовски.
* 2003 магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, од областа на музичката педагогија-методика на музичка настава, со магистерска теза “Хорското пеење во основното образование како една од најзначајните форми на колективното музицирање”.
* 2007 докторира на тема “Дигитален каталог за македонското хорско творештво”.




Педагошка дејност:

Од 1973 година работи како професор по солфеж и хор во Основното музичко училиште во Тетово каде работи и денес.

Во 1977 година  го основа детскиот хор “Лале”, во 1981 година го основа и женскиот младински хор “Менада” со кои работи непрекинато до денес.

Од 1980 до 2007 година Директор на Државното  Музичко Училиште во Тетово, на чија иницијатива училиштето го добива името Т.С. – Тетоец. Од 1997-2004 година е кординатор и педагошки раководител на средниот дел на паралелките од МУБЦ “Илија Николовски-Луј” од Скопје каде ги предава предметите: хорско пеење и хорско диригирање.

На негова  иницијатива во 2004 година ОМУ  “Тодор Скаловски – Тетоец” – Тетово се трансформира во ДМУ за основно и средно образование, под чие раководство како директор учениците на ова училиште освоиле 180 републички и 50 меѓународни награди и признанија.

Претседател  е на рецензенската комисија  за избор на учебници по  музичко образование за основните  училишта при Министерство за  образование и наука на Република  Македонија.

Претседател  е на Комисијата за изготвување  на наставни програми за основно  и средно музичко образование  по предметите солфеж и теорија  на музиката.  


Уметничка дејност:

Како деец во областа на културата во Македонија организирал над 1000 концерти на класична музика со реномирани домашни и странски уметници.

* Претседател е на Управниот одбор на Меѓународниот хорски фестивал “ТЕХО”.
* Иницијатор е и основач на Балканскиот Хорски Форум во Тетово во 1998 година во кој членуваат претставници од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и Романија.
* Член е на Европската хорска асоцијација АГЕЦ со седиште во Белгија како претставник на Р. Македонија во музичкиот комитет.

Како  музички истражувач, теоретичар  и педагог во областа на  македонската хорска музика, учествувал  на домашни и меѓународни собири, трибини и фестивалот во Крагуевац-Србија, на Балканскиот Хорски Форум  во Тетово, на “Струшката музичка есен” повеќе пати, на Меѓународниот фестивал во Брашов – Романија, ИРАМ и др.

Член е на жири комисии на државни и меѓународни  хорски фестивали во Македонија и  странство.


Концертна дејност:

Во македонската и меѓународната културна јавност е познат пред се како реномиран хорски диригент. На репертоарот на хоровите со кои работи редовно се застапени композиции од најразлични стилови и периоди од македонската и светската хорска акапела и вокално-инструментална музика. Со хоровите “Лале” и “Менада” има остварено повеќе од 1000 настапи во земјата и странство.

Со овие  два хора добитник е на награди  и признанија во Македонија, поранешна  Југославија и Европа. Како диригент  со хоровите настапувал на  фестивали, конкурси и концертни  турнеи во Албанија, Бугарија, Србија, Грција, Словенија, Турција, Романија, Италија, Австрија, Германија, Чешка, Полска, Шпанија, Шведска, Холандија, Данска, Португалија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Со хоровите  учествувал во изведба на вокално-инструменталните  дела “Стабат Матер” од Перголези, “Огледало” и “Псалми” од С. Стојков и “Деца на Македонија” од С. Тошески.

Редовен  учесник е на меѓународниот  хорски фестивал “Тетовски Хорски Одѕиви”-ТЕХО во Тетово од 1979 до денес.

Посебна  карактеристика на програмските  и изведувачки активности е  редовна застапеност на дела  од македонските автори како  и праизведби од македонските  композитори. Композиторите Тодор  Скаловски, Михајло Николовски, Благој  Цанев, Димче Николески, Стојан Стојков, Стојче Тошески, Герт Сорг (Р. Германија) и Стојан Бабеков (Р. Бугарија) посветиле композиции на него како диригент и на хоровите со кој што работи.

На репертоарот  на хоровите поставил 400 хорски  композиции од различни стилови  и епохи на 20 светски јазици.

Настапува  на сите значајни културни  манифестации “Охридско лето”, “Штипско лето”, “Денови на македонска музика”, “Есенски музички свечености”, “Струшка музичка есен”, “Десет дена Крушевска Република” и др. 


Награди: 

На Републичкиот  фестивал на младински пионерски  хорови во Кавадарци, со детскиот  хор “Лале” добитник е на

-први награди  во 1980,1982,1986,1990, 1992,1996, 1998, 2000, 2004 и 2006 година.

-втори награди  во 1984 и 1994 година.

-На истиот фестивал, со младинскиот женски хор “Менада” освоил единаесет златни плакети во 1982,1984, 1986, 1990, 1992, 1994, 1996, 1998, 2000, 2004 и 2006 година.

-На индивидуален  план, како диригент повеќе пати  ја добива наградата за диригент  на Републичкиот фестивал во  Кавадарци, на “ТЕХО” во Тетово, како и награди за праизведби на дела од македонски автори.

-На натпреварот  за Евровизија на ЈРТ во 1980 година со детскиот хор “Лале” со студиски снимки ја освоил Втората награда.

Како  афирмиран  и потврден музички  уметник македонската музичка  култура ја презентира на меѓународни  хорски натпревари во странство  каде ги освојува следните  награди

-Прва награда, Добрич, Бугарија,1995 година

-Две втори награди, Литомишл, Чешка, 1995 година

-Прва и втора награда, Гисен, Германија, 1997 година

-Втора награда, Цеље,Словенија, 1981 година

-Трета награда, Цеље, Словенија, 1987 година

-Втора награда, Превеза, Грција, 1996 година

-Трета награда, Превеза, Грција, 1998 година

-Две први награди, Бад Ишл, Австрија, 2001 година

-Гранд-При, Бад Ишл, Австрија, 2001 година

-Награда на Град Берлин, 2001 година.

-Две први награди, Меѓународен Охридски Фестивал во 2009 година.

-Трета награда Меѓународен хорски фестивал Драган Шуплевски во Скопје, во 2002 година.

-На фестивалот  во Хајновка, Полска во 1999 година  доделена му е наградата за  најуспешен диригент на фестивалот.  


Трудови и публикации:

На планот  на издаваштвото и публикацијата  автор и уредник е на зборници  за хорски композиции и на  следните трудови

1. “Десет хорски творби од Тодор Скалоски”

- “ТЕХО” – 1985 година

2.  “Анализа на Македонско оро од Тодор Скаловски”

- Струшка музичка  есен – 1997 година

3. “Канонот во работата со хорот”

- Хорски фестивал  “ТЕХО” – 1998 година

4. “Основното музичко образование и националната музичка културна состојби и перспективи”

- ФМУ – Институт  за педагогија, Филозофски факултет  – 2001 година

5. “Методи за добивање чиста интонација во хорот”

- Хорски фестивал  “ТЕХО” – 2002 година

6. “Од хорското творештво на Стојан Стојков”

- Хорски фестивал  “ТЕХО” – 2002 година

7. “Од хорското творештво на Тодор Скаловски”

- Хорски фестивал  “ТЕХО” – 2002 година

8. “Македонска духовна музика од почетоците до денес”

- Меѓународен  хорски фестивал во Брашов, Романија  – 2002 година

9. “Од хорското творештво на Милто Вако”

- Хорски фестивал  “ТЕХО” – 2003 година

10. “Индивидуалната настава и музичкото образование. Светските стандарди наспроти македонските тенденции”

- ФМУ, трибина  – 2003 година

11. “Од хорското творештво на Михајло Николовски”

- Хорски фестивал  “ТЕХО” – 2005 година

12. “Едукативните аспекти на македонското хорско творештво”

- ИРАМ - конференција  Скопје – 2006 година

13. “Дигитален каталог за македонското хорско творештво”

- ИРАМ - конференција  Скопје – 2007 година

14. “Ликот на педагошкиот раководител како предуслов за успешна работа со детски хор”

- Струшка музичка  есен – 2009 година

15. “Хорската традиција во Тетово – хоровите Лале и Менада”

- ИРАМ - конференција  Скопје – 2010 година 


Досега  остварил трајни тонски записи  од македонски и странски автори  во траење од околу 350 минути. Со хоровите “Лале” и “Менада” има издадено 2 ЛП, а со хорот “Менада” и 3 ЦД-а. На снимките се исполнети дела од македонската духовна музика, хорски композиции инспирирани од македонскиот фолклор како и дела од странски автори. Застапен е и на плочи и аудио-касети во изданија на хорскиот фестивал “ТЕХО”, Фестивалот на пионерски и младински хорови во Кавадарци и СОКОМ.



Општествени награди и признанија:

* Во 1979 година ја добива “19 Ноемвриската” награда на Собранието на Општина Тетово, а истата награда ја добива и со хорот “Лале” во 1981 и во 1987 година.
* Во 1982 година, Министерството за образование му  ја доделува наградата “Кирил Пејчиновиќ”, за постигнати резултати во наставно-образовната дејност.
* Во 2005 година ја добива највисоката државна награда на Р.  Македонија, “11 Октомври”.
* Во 2007 година од страна на Здружението на музички и балетски педагози на Р. Македонија доделена му е наградата за “Повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија”.



Активности  на ФМУ: 

Во учебната 2004, 2005 и 2006 година и ангажиран  како проектен наставник на  ФМУ, во тој период со факултетскиот  хор “Драган Шуплевски” подготвил повеќе проекти со акапела и вокално-инструментални дела за концертните активности на факултетот, како и во рамки на докторските студии при што подготви поголем број композиции од кои некои за прв пат се изведени во Р. Македонија.

Во 2008 година  е избран за Доцент по предмети  од областа на хорското диригирање.

Ментор  е на постдипломци од областа  на хорско диригирање.

Член  е на комисии за одбрана  на магистерски и докторски  трудови.