Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Јован Каровски

Пензиониран

Јован Каровски

Пијано

email: jovankarovski@gmail.com

Образование

Своето  образование го завршува 1977 година на „Високата музичка школа“ во Скопје, денес „Факултет за музичка  уметност“, во класата на проф. Бранко Цветковиќ.

 

Работно искуство

По  дипломирањето се вработува во МБУЦ- Скопје , како наставник по пијано и  уметнички соработник. 1985 година избран е за предавач на ФМУ во дополнителен работен однос, а од 1988 година во постојан работен однос како доцент.

Во 1997 е избран во звање вонреден професор, а од 2001 година е избран во звање редовен професор, на кое работно место се наоѓа и денес.

 

Уметничка дејност

Уште  во текот на студиите, преку концертни настапи и натпревари успешно го претставува факултетот на повеќе средби на студентите од музичките академии на поранешна Југославија. Активно учествува на сите музички манифестации организирани од страна на „Музичка младина на Македонија“.  
Во периодот од 1983-1991 година соработува како чембалист во камерниот оркестар на МРТ, со учество на многубројни концерти  во тогашна Југославија и СССР.

Како  пијано придружник соработува со истакнати  македонски и странски уметници како што се : В.Везенковски, А. Мухиќ, М. Ефтимова, Б.Николовски, М.Фирфов, С. Галиќ, М.Муратовска, Б.Трајанов, Б.Јакимовска, Г.Јосифова, В.Тодевски, Б.Ангеловски, М.Куфојанакис, Р. Димитриев, З.Пехчевски, Т.Зографски, Т.Елен Роуз, Џ.Вајтко, но и како помош и поддршка на многу млади уметници на нивните први настапи на концертниот подиум, меѓу кои се : К.Богдановски, Г.Цветанова, Ж.Фирфов, Ј.Томиќ, М.Арсенски, М.Јосифовски, В.Ѓиновска, А.Стаменковска, И.Дурловски, Р.Цеков.

Настапи со Македонската Филхармонија : Ф.Лист, концерт за пијано и оркестар во Es-dur, П.И.Чајковски, b-moll, К.Сен-Санс „Карневал на животните“.

Настапи на фестивалите: Охридско лето, Скопско  лето, Опатијски фестивал, Херцег Нови, Интерфест-Битола, како и на интернационални фестивали во Франција, Италија, Турција, Бугарија.

Реализира повеќе авторски концерти на македонски композитори, меѓу кои: Т.Зографски, Д.Николески, С.Стојков, В.Николовски, Д.Ортаков, Б.Цанев, И.Пејовски.

Од  многуте записи за МРТВ, може да се издвои комплетниот опус за две пијана од Т.Зографски, во изведба во дуо со авторот.

Од 2000-2005 год, селектор е на програмата Musica Viva на ФМУ. Во тој период одржани се над 150 концерти, дел од нив снимени од македонските медиуми, а дел од IRAM.

Во  периодот од 2002-2007 година работи како постојан пијано-соработник во Македонската филхармонија.

 

Критики

“Со својата уметничка активност Јован Каровски си избори реноме на мошне успешен пијано соработник, кој ги надминува стандардните корепетиторски нормативи“.

(Нова Македонија, март, 1984)

 

“Јован Каровски е пијанист со извонреден пијанистички звук, длабок, мек и содржаен, со чија помош ја обликува музичката фраза. Уметник кој поседува ретка природна музикалност, како одраз на неговата визија на музичката мисла“.

(Нова Македонија, јуни, 1986)

 

“Пијанист со одлична концентрација и сигурност, со извонреден музикалитет и смисла за камерно музицирање“

(Нова Македонија, јули, 1992)