Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

м-р Гордана Јосифова Неделковска

Редовен професор

м-р Гордана Јосифова Неделковска

Обоа

email: g_josifova@hotmail.com

Проф. Гордана Јосифова Неделковска (родена 1965) дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Ќиро Давидовски. Се усовршувала на академијата „Моцарт“ во Варшава, Полска и БАНФФ центарот за музика и звук во Канада, како нивен стипендист. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари.

Како наставник на Факултетот за музичка уметност таа ги помина сите академски звања - од почетното - асистент до највисокото - редовен професор. Моментално, таа е редовен професор по предметите: обоа, камерна музика и методика на наставата на дувачките инструменти. Од оваа учебна година таа е назначена за декан на Факултетот за музичка уметност. Нејзините студенти по обоа и камерна музика се добитници на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари. Низ својата повеќегодишна дејност на ова поле, таа професионално воспита,  истовремено   влевајќи им љубов кон музиката на повеќе генерации, во прв ред обоисти, но како предавач и на предметот камерна музика и на други млади музичари на дувачките инструменти кои денес со успех ги извршуваат своите работни задачи во оркестрите на Македонската опера и балет и на Македоннската филхармонија.

Она што ја прави комплетна нејзината личност се несомнено и нејзините организаторски способности. Во изминатиот период заземала повеќе значајни функции: претседател на Музичката младина на Македонија, шеф на катедрата  за дувачки инструменти на Факултетот за музичка уметност., а во два мандата  е и продекан на истиот факултет и член на сенатот на УКИМ. Во периодот  2001-2003 била  претседател на Управниот одбор  и селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“. Од 2005 година е назначена  за претседател на Комисијата  за култура  на Универзитетот „Св. Кирил и Методи, а исто така со предлог на УКИМ, а по избор од страна на собранието на Р. Македонија, е избрана за член на советот на Македонската радио-телевизија. Во 2007 година е повторно назначена за селктор на музичката програма на фестивалот „Охридско Лето“.  Во 2008 (од страна на тогашниот ректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ѓорѓи Мартиновски) и е доделена плакета во знак на признание, за придонес во афирмација на универзитетот во земјата и странство.

Проф. Гордана Јосифова Неделковска е исто така основач на интернационалниот натпреварот за млади музичари „Охридски бисери“, кој што е единствен од ваков вид во Македонија, како и еден од основачите и повеќегодишен член на Македонскиот дувачки квинтет.

Од особено значење се дејствувањата на Гордана Јосифова – Неделковска како селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско Лето“ и како концертен уметник во Р. Македонија и надвор од неа.

Во 2007 година, проф. Гордана Јосифова – Неделковска, е назначена по втор пат за музички селектор на фестивалот „Охридско Лето“. Дејствувањето на Јосифова – Неделковска во оваа сфера од културното  живеење на Р. Македонија вроди со многу значајни настани кои ја збогатија културната програма во земјата и го подигнаа нејзиното ниво.

Успешноста на нејзиното делување е потврдено  со едно светско признание- имено во 2004 година  од Уредничкиот одбор на Американскиот биографски институт  е номинирана  во категоријата  „Успешни жени на 21 век“. Во публикацијата која содржи биографии и трудови на жените кои се влијателни и креативни во општествениот живот во своите земји, токму Гордана Јосифова Неделковска  е избрана  меѓу жените во светот,  бидејќи со своето делување како уметник и педагог оставила длабоки  траги во својата средина. „Таа е една од успешните  жени на  21 век“ се наведува во текстот на Американскиот  биографски институт , која со својата севкупна активност  може да послужи како пример и патоказ за младите генерации.

Во исклучително богатиот творечки живот на Гордана Јосифова Неделковска особено треба да се истакне нејзината исполнителска активност. Како уметник со солидно музичко образование и, посебно, како уметник со исклучителна музичка надареност таа, и покрај големата активност на другите општествени, културни и образовни сфери, оствари изведувачка кариера со која стана еден од најистакнатите македонски уметници од помладата и средната генерација. Нејзините настапи, без оглед на тоа дали беа солистички, како дел од камерни состави или со големите оркестри кај нас и во странство секогаш го предизвикуваа вниманието на публиката која знаеше да ја цени нејзината музикалност и изведувачко мајсторство. Не помалку штедри во своите описи на впечатоците беа и стручните кругови.

Музичката критика нејзиното музицирање го опишуваше најчесто на следниов начин:

„Гордана е уметник со непогрешиво чувство на стилска определеност-независно дали е тоа барокно дело, класична композиција,  или современ автор. Критичарите  во нивните написи и рецензии, а по повод многубројните концертни настапи, единодушно ја истакнуваат нејзината извонредна  музикалност, мекиот и нежен звук на обоата и посебната сугестивност, но и топлина во музицирањето. Таа ги обојува  композициите  што ги изведуава со својот персоналитет, длабоко прочувствувани и со беспрекорна  интонациска  сигурност. Нејзината техника е виртуозна, но таа не е цел сама за себе, туку е во служба на разоткривање на содржината на делото. Гордана длабоко и минуциозно навлегува и  понира и во најситните детали  на творбата што ја изведува, настојувајкќи да ја долови  мислата и пораката на композиторот за автентично да ја предаде и пренесе на слушателот. Тоа секогаш успешно и со совршено мајсторство го прави.“

„... во нејзината личност се крие прекрасен музичар, лудо и всеодајно вљубен и  предаден на инструментот на својот живот-обоата, која во нејзините раце оживува и преку  која низ нежните звуци Гордана раскошно ја  излева  своја душа. Во тој  смисол Гордана со право може да го понесе епитетот поет на обоата. “

Како солист настапувала со многу значајни оркестри како Симфонискиот оркестар на националната капела на Петерсбург, камерниот оркестар „Музика вива“ под диригентство на Александар Рудин, Симфонискиот оркестар на Белград, камерниот оркестар „Софиски Солисти“, Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, Оркестар на Авињон-Прованса, Камерен оркестар на Порто Алегре – Бразил, Обединет европски камерен оркестар. Со бројни рецитали има настапувано во Русија, Италија (Болоња, Милано, Фиренца,  Рим - како претставник на Р. Македонија во чест на Св. Кирил и Методиј) , Германија, Холандија, Канада, Грција, Турција, Полска, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора и Македонија, секогаш вклучувајќи дела од македонски автори. Од особено значење минатата година беа нејзините настапи во Бразил, Португалија, Шпанија и Италија. Еден од настапите во Италија е од особено значење, затоа што беше одржан во престижната сала „Верди“ во Милано.  Исто така, по покана од страна на маестро Мориконе, Гордана Јосифова – Неделковска настапи на свеченото отворање на фестивалот „Охридско Лето“ оваа година. Потврда за уметничката вредност на Гордана Јосифова – Неделковска беа и зборовите на Енио Мориконе, пред неговиот концерт во Охрид:

(цитат од весникот Дневник од 13 јули, 2009 година)

„ Енио Мориконе беше воодушевен од настапот на обоистката Гордана Јосифова Неделковска, која е селектор на музичката програма на фестивалот.

Ме смири нејзиното свирење. Толку е внимателна, елоквентна и прецизна во изразот што веднаш ме воодушеви кога ја слушнав. Не очекував дека ќе чујам таков настап – рече Мориконе и посака да настапи со неа специјално на отворањето. “