Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

м-р Александар Гошев

Вонреден професор

м-р Александар Гошев

Хорна, Оркестарски делници за хорна, Камерна музика за дувачки инструменти

email: aleksandar.gosev@yahoo.com

Александар  Гошев e роден на 30. 09. 1970 во Струмица. Основно образование завршува во родното место Турново, а со средно музичко образование се стекнува во средното музичко училиште " Илија Николовски - Луј " во Скопје, по инструментот хорна во класата на проф. Левче Трајковски. По завршувањето на средното музичко образование, продолжува со студии на Музичката Академија во Нови Сад, во класата на светски познатиот хорнист проф. Ференц Тарјани. Уште за време на студиите започнува со педагошка работа во основното музичко училиште во Сремска Митровица во 1993 година. Во 1994 година се вработува како прв хорнист во редовен работен однос во Оркестарот при Операта на Српското Народно Позориште во Нови Сад. Оженет, родител на две деца.

ПЕДАГОШКА ДЕЈНОСТ

Со  педагошка дејност почнува да се занимава уште за време на студиите во учебната 1993/94 година како предавач по инструментот хорна и труба  во основното музичко училиште во Сремска Митровица.

Ова се и првите чекори кон професионалното  започнување со педагошка дејност, каде што кај проф. Дубравко Марковиќ започнува да ја изучува и ја усовршува и посебната техника за дувaчки инструменти - " non presso ", со која техника ја отпочнува успешната педагошка кариера. Во Сремска Митровица работи до 1995 година, каде што со учениците освојува повеќе високи награди, на различни натпреватри, музички манифестации и фестивали. Во 1994/95 година хонорарно работи и како професор во Средното музичко училиште во Суботица. После војната во 1999 година се враќа во Скопје каде што хонорарно се вработува во Средното музичко училиште  " Илија Николовски – Луј " како професор по инструментот хорна, каде што води класа од 5 ученика од кои 3 во нижо и 2 во средно музичко образование каде работи и до ден денешен. Со своите ученици учествувал на бројни натпревари во Нови Сад, Стара Загора, Охрид, Скопје, каде што освојуваат доста награди. Повеќето од неговите ученици веќе се редовни студенти на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје. Како музички педагог има освоено доста признанија меѓутоа најзначајна му е стекнатата диплома и награда како најмлад музички педагог во конкуренција од 165 кандидати, во градот Бекешчабо – Унгарија, каде го има освоено првото место. Учесник е на повеќе семинари по инструментот хорна кај врвни светски уметници кои се одржуваа во Холандија, Унгарија, Швајцарија, Германија итн. Во месец август 2006 година добива понуда за ангажман за одржување семинари на Конзерваториумот во Осло – Норвешка, а првиот го одржува со студенти од Норвешка во месец август 2006 година во Струга, а семинарот редовно се одржува секоја година. Од 2007 година е надворешен соработник на факултетот за Музичка уметност во Скопје со звање доцент, професор по инструментот хорна, а од 2009 година хонорарно е ангажиран и на факултетот за Музичка уметност во Приштина.

УМЕТНИЧКО – КОНЦЕРТНА ДЕЈНОСТ

Уште  како ученик во Средното музичко училиште почнува со концертна дејност на полето на сериозната музика со солистички настапи во градовите низ Македонија, но и со камерно музицирање со лимениот дувачки квинтет при Средното музичко образование. Во 1987 година ја освојува првата Републичка награда со максимални бодови и трета награда во Дубровник во конкуренција од 35 хорнисти од цела бивша Југославија. Настапува како солист со школскиот оркестар и со рецитали со познатата пијанистка Марија Докузова, Данче Агапиева – Василева и др. По заминувањето на студии во Нови Сад започнува со настапи со камарниот оркестар при Музичката Академија во Нови Сад како солист и оркестарски музичар под раководство на познатиот виолончелист и диригент Иштван Варга каде што настапува на бројни фестивали во Будимпешта, Белград, Холандија-Амстердам, во познатата катедрала во Нови Сад, во синагогата во Нови Сад, рецитални програми во студио М при радиото во Нови Сад, солистички настапи за време на семинарот во Бекешчабо – Унгарија со познатата пијанистка Тот Хорти Вера, Оскар Ритер, со оркестарот на Војводинска Филхармонија, квинтетот Тоитсу Дориу Аикидо, триото – Брамс, солистички настап со оркестарот на Суботичка Филхармонија, како и оркестарски музичар во истата. Во 1994/95 година се вработува во Оркестарот при Операта на Српско Народно Позориште во Нови Сад како прв хорнист, во редовен работен однос. Истата година работи и како прв хорнист во Симфонискиот оркестар во Суботица, хонорарно, прв хорнист во Војводинската филхармнонија во Нови Сад каде што останува до 1999 година. Поради војните кои го следеа за време на целото негово школување и случувањата во 1999 година во бивша Југославија беше принуден да се врати во Македонија. Од 2001 година до денес е во редовен работен однос во Македонската Филхармонија. Од 2005 година е член на Македонскиот лимен дувачки квинтет, а од 2007 година е и редовен член на „Скопскиот Дувачки Квинтет“ со кого оствари доста концерти како на македонската музичка сцена така и надвор од границите на Р.Македонија.