Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

м-р Фросина Балова

Редовен професор

м-р Фросина Балова

Виола

Фросина Балова основното музичко образование го започнува во МБУЦ – Скопје, во класата на проф.Благој Цанев и проф.Паскал Николовски. Во истиот училишен центар го завршува и средното образование во класата на проф.Павлина Мисиркова. Дипломира со највисока оцена на ФМУ – Скопје во класата на проф.Љубомир Господинов во 1984 година, а во истата класа магистрира во 2000 година.

Уште за време на својот едукативен период настапува на сите позначајни манифестации во организација на МБУЦ и ФМУ, во рамките на Македонија и на некогашна Југославија. Така, вредни за споменување секако се успесите на еден млад музичар како член на Младинскиот оркестар во Грожњанин (Хрватска)  во 1979 година, а од 1980 година и како водач на групата виоли при истиот. Од 1981 година е учесник на многу амбициозна програма, член на Европскиот младински гудачки квартет, со седиште во Грожњанин. Истата година Балова успешно концертираше на ревијалниот настап на млади уметници на Југославија – “Млада Сутјеска”. Во 1982 година се здобива со ретката можност, по пат на повеќекратна селекција, да стане член на светскиот младински симфониски оркестар во Печуј – Унгарија. Заслужува да биде спомнато и учеството на сите “Музички каравани” во периодот од 1980 – 1984, во организација на Музичка младина на Македонија. Сиот овој интензивен развоен пат на еден млад, репродуктивен уметник, резултираше со здобивањето на едно, во тоа време престижно општествено признание – наградата “Млад борец” за 1982 година.

Од 1989 година Фросина Балова е водач на групата виоли при Македонската филхармонија и на Камерниот оркестар на МРТ. Истовремено е член на гудачкиот квартет на Македонската филхармонија во периодот од 1990 до 1994 година. Од 1999 година е член на камерниот оркестар Св.Софија.

Од пост – едукативниот период вредни за спомнување се бројни настапи, учества како солист, член на оркестар или камерен состав, ширум земјава и во странство, соработка со еминентни солисти, диригенти, оркестарски музичари коишто во суперлативи го искажуваат својот впечаток за квалитетот на виолистот Фросина Балова. Да се споменат само некои: гостин на фестивалскиот оркестар на Дубровачки летни игри за целата сезона во 1989 година; настап на “Охридско лето” и на “Дани музике” – Херцег Нови, во 1991 година; Варненско лето ’96; Меѓународна трибина на композитори – Белград, ’97/2000; Концерт на НДК – Софија, ’94; Денови на македонска музика ’96, Охридско лето ‘92/2000; честитки за покажаната професионалност во работата од страна на диригентите Фимчо Муратовски, Вјачислав Блинов, Тадеуш Козловски, Леонид Николаев, Ѓула Немет, Ангел Шурев, Ванчо Чавдарски и др., од академик Властимир Николовски за изведба на солистичката делница во неговото “Трио соноро”, итн.