Пензиониран
д-р Димитрије Бужаровски
Група предмети од областа на композиција и теорија на музика
email: dbuzar@t-home.mkДимитрије Бужаровски (Скопје, 8 август, 1952) е една од најистакнатите личности во македонската музичка култура. Проф. д-р Димитрије Бужаровски е многустрана личност со интереси во различни полиња: композиција, музикологија, компјутерска и електронска музика, интерпретација (пијано, синтесајзери, диригирање), образование, менаџмент и научно-истражувачка работа.
Неговото композиторско творештво содржи дела од крупен формат: симфонии, ораториуми, опери, балети, сонати, суити, вокални циклуси, камерна музика, музика за соло инструменти. Има напишано музика за над 60 филмови, телевизиски и театерски проекти. Неговите композиции се изведувани и емитувани во САД, Русија, Франција, Велика Британија, Германија, Холандија, Шпанија, Грција, Бугарија, Србија, Полска.
Димитрије Бужаровски е активен и како пијанист, изведувач на синтесајзери и диригент. Има остварено рецитали со негови дела за пијано и синтесајзери низ Европа (Велика Британија, Русија, Холандија) и САД. Како диригент ги поставува своите дела - оперите Шеќерната приказна и Деспина и мистер Докс, ораториумот Радомировиот псалтир, Нонет концертот итн.
Музиколошката и научно-истражувачката дејност на Димитрије Бужаровски покрива голем број области: филозофија и естетика на музиката, социологија и менаџмент, дигитално процесирање и архивирање на звукот. Има издадено и едитирано голем број есеи, публицистички текстови, рецензии и книги, меѓу кои: Историја на естетиката на музиката, Увод во анализата на музичкото дело, Од природни до компјутерски звуци, Основи на дигиталното архивирање на звукот итн.
Димитрије Бужаровски е учесник во бројни меѓународни проекти, бил координатор на ТЕМПУС-ови проекти, проект на швајцарската научна програма SCOPES, проект на Стејт департментот на САД за усовршување на програмите по менаџмент во Република Македонија, координатор на програмата Студии во странство на Државниот универзитет во Аризона.
Во 2000 година го формира Институтот за истражување и архивирање музика - ИРАМ кој претставува најдобрата илустрација за комплексноста на неговата уметничка, научна, образовна, организаторска и дигитална дејност. Во моментов ИРАМ е водечка институција за архивирање на македонското културно наследство. Во архивите на ИРАМ има над 20 000 минути дигитално аудио со македонски фолклор (песни, приказни, обичаи) и над 2000 минути дигитално видео (документарни програми, концерти, хроника на културни настани со 135 кратки филмови). Во рамките на ИРАМ постои Студентско Интернет радио и телевизија, а ИРАМ е и организатор на 15 интернационални конференции (Современи трендови во музикологијата и етномузикологијата, Рефлексии за македонската музика, Културната политика и музичкото образование, Истражувања во музикологијата и етномузикологијата) на кои се презентирани над 250 научни трудови достапни на сајтот на ИРАМ.
Проф. д-р Димитрије Бужаровски е вработен на Факултет за музичка уметност при Универзитетот ”Св. Кирил и Методиј” во Скопје каде предава(л): хармонија, полифонија, анализа на музичкото дело, естетика на музиката, социологија на музиката, музички менаџмент, сонологија и мултимедија, методологија на научното истражување. Во периодот 1995-1999 бил Декан на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од 2006 година Димитрије Бужаровски предава и на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш (вокална литература, анализа на музичките стилови, аранжирање, композиција, дигитална обработка на звукот и истражувачки методологии). Бил ментор на над 30 постдипломски и докторски трудови. Предавал и на повеќе универзитети во САД: Државниот универзитет во Аризона, Бостонскиот универзитет, Хардвардскиот универзитет, Бостонскиот колоквиум за филозофија на науката.
Димитрије Бужаровски бил биран на повеќе општествени функции во поранешната СФРЈ, Република Македонија и странтсво: Претседател на Сојузот на композиторите на СФРЈ, Претседател на Универзитетскиот совет на УКИМ, Претседател на Советот на фестивали итн.