Биг Бендот на ФМУ е формиран во учебната 2001/2002 година и оттогаш до сега под водството на маестро Кире Костов, реализирал околу четириесетина концерти и пократки настапи за потребите на ФМУ, во земјата и надвор од неа.
Во период од неколку години Биг Бендот на ФМУ беше единствениот ансамбл од овој вид во Република Македонија и како таков придонесе во голема мера за одржувањето на овој вид музичка култура во Македонија.
Репертоарот на оркестарот кој се обработува како дел од предметната програма по предметот ги опфаќа скоро сите правци во класичниот џез – диксилендот, свингот, бибап, џез-рокот, а во голем дел и композиции од македонски џез автори.
Со овој ансамбл настапувале повеќе значајни уметници како Гордана Јосифова-Неделковска (обоа), Теодосиј Спасов (кавал), Влатко Стефановски (гитара), Драган Даутовски, Александра Поповска (вокал), а и речиси сите постоечки ансамбли на ФМУ како Оркестарот од народни инструменти, Хорот „Драган Шуплевски“, Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ и Хорот „Мирче Ацев“ на УКИМ.
Голем дел од некогашните студенти-членови на овој ансамбл, денес се членови на Биг Бендот на МРТВ, на Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, како и студиски музичари во земјата и странство.