Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Правила за студирање

на студиските програми на првиот циклус универзитетски студии на Факултетот за музичка уметност - Скопје


I.Предмет на уредување

Член 1
Предмет на уредување се правилата за студирање на студиските програми на првиот циклус универзитетски студии на Факултетот за музичка уметност – Скопје (во понатамошниот текст – факултетот).
Правилата за студирање се уредени согласно Законот за високото образование и Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв и втор циклус универзитетски студии на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје.

II.Услови за запишување

Член 2
На прв циклус универзитетски студии може да се запише лице кои положило државна матура, меѓународна матура или училишна матура во уметничко образование. 
По исклучок на првиот циклус универзитетски студии можат да се запишат и лица без претходно завршено соодветно образование, ако станува збор за исклучително надарени лица за кои може да се очекува дека и без завршено претходно образование успешно ќе ги завршат студиите.

Член 3
На прв циклус универзитетски студии може да се запише лице кое положило приемен испит. Приемниот испит се полага за запишување на сите студиски програми.
Предметите на приемниот испит, испитните програми, начинот на испитување и начинот на оценување се уредуваат со акт на Наставно-научниот уметнички совет.

III.Траење, почеток и завршување на студиските програми, студиските години и семестрите

Член 4
Студиите на сите студиски програми траат осум семестри.
Наставата се организира во два семестри – зимски и летен.

IV.Кредити 

Член 5
Со студиските програми се утврдува бројот на кредити за секој одделен наставен предмет, во зависност од вкупното време потребно за негово успешно совладување.
Кредити можат да се доделуваат и за воннаставни активности на студентот. Пред почетокот на секоја учебна година со одлука на Наставно-научниот и уметнички совет на факултетот се утврдуваат начинот и условите за доделување кредити за воннаставните активности на студентот.

Член 6
Кредитите се освојуваат со  успешно совладување на наставниот пред-мет, врз основа на критериумите утврдени со предметните програми.
Кредитите за воннаставните активности ги доделува факултетскиот координатор за Кредит-трансфер системот.

V.Статус на наставните предмети

Член 7
Во зависност од степенот на обврзноста, наставните предмети се задолжителни или изборни.

Член 8
Студентот е должен да ги запише и успешно да ги совлада сите задолжителни наставни предмети.

Член 9
Студентот е должен во секој семестар да ги запише сите задолжителни наставни предмети утврдени со студиската програма за тој семестар, ако го исполнил условот за нивно запишување од став 2 на овој член.
Доколку повеќе задолжителни наставни предмети се делови на една иста меѓусебно поврзана целина која се изучува во повеќе семестри, студентот  може да го запише наставниот предмет од следниот семестар, само ако успешно го совладал наставниот предмет од претходниот семестар.

Член 10
Изборните наставни предмети студентот ги запишува во зависност од сопствените желби и од сопствениот план за напредување во студиите. 

Член 11
Доколку повеќе изборни наставни предмети се делови на една иста меѓусебно поврзана целина која се изучува во повеќе семестри, а студентот го запишал изборниот наставен предмет кој е прв дел на таа целина, должен е да ги запише и успешно да ги совлада сите изборните наставни предмети кои се делови на целината.
Доколку повеќе изборни наставни предмети се делови на една иста меѓусебно поврзана целина која се изучува во повеќе семестри, студентот  може да го запише наставниот предмет од следниот семестар, само ако успешно го совладал наставниот предмет од претходниот семестар. 

Член 12
Студентот е должен успешно да ги совлада запишаните  изборни наставни предмети.


Член 13
Пред почетокот на секоја учебна година, Наставно-научниот и уметнички совет со одлука ги утврдува начинот и условите за запишување на изборните наставни предмети.

Член 14
Задолжителните и изборните наставни предмети се утврдуваат со студиските програми.

VI.Проверка на знаења и оценување

Член 15
Знаењата на студентот се проверуваат континуирано (преку периодични проверки на знаења) или преку завршна проверка на знаења (испит), во зависност од карактерот на наставниот предмет.

Член 16
Знаењата се оценуваат описно (со “положил” или “не положил”), или квантитативно со нумеричка оцена од 5 (пет) до 10 (десет), во зависност од карактерот на наставниот предмет. Со оцената 5 (пет) се оценува студентот кој не го совладал успешно наставниот предмет.

Член 17
Елементите од кои зависи успешното совладување на наставниот предмет, условите за пристапување на проверка на знаења, испитните барања, формите и начинот на проверка на знаењата и на оценувањето се утврдуваат со предметните програми и со прилозите кон предметните програми (силабуси).
Силабусите ги изработуваат предметните наставници.

Член 18
Со предметните програми може да се утврди кредитите за одделни наставни предмети да се освојуваат и без проверка на знаења.

VII.Испитни рокови

Член 19
Завршната проверка на знаењата се врши во три испитни рока: зимски, летен и есенски.

Член 20
Пред почетокот на секоја учебна година со одлука на деканатската управа се утврдуваат почетокот и крајот на секој испитен рок.

VIII.Напредување на студентот низ студиите

Член 21
Студентот напредува низ студиите врз основа на бројот на освоени кредити.
Со Правилник на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” (во поната-мошниот текст – универзитетот) се утврдува минималниот и максималниот број на кредити кои може да ги запише студентот во секој семестар.

1.Континуирана проверка на знаења

Член 22
Завршната оцена, за наставните предмети кај кои се врши континуирана проверка на знаењата, се утврдува како резултат на периодични проверки на знаења. Студентот освојува определен број проценти од вкупната оцена за секоја периодична проверка на знаења.

Член 23
Студентот успешно го совладал наставниот предмет доколку преку континуираната прверка на знаењата освоил најмалку 51% од вкупната оцена. Критериумите за формирање на завршната оцена се утврдуваат со предметните програми и со силабусите.

Член 24
Студентот кој преку континуираната проверка на знаењата не освоил најмалку 51% од вкупната оцена има право да пристапи на завршна проверка на знаења (испит), ако освоил минимум проценти од вкупната оцена за пристапување на завршна проверка на знања утврдени со предметните програми (по правило 25%).
Студентот кој преку континуираната проверка на знања не освоил минимум проценти од вкупната оцена за пристапување на завршна проверка на знаења (испит), е должен да го презапише наставниот предмет во следниот семестар и повторно да ја следи наставата со покривање на трошоците.

Член 25
Студентот кој не го освоил минимумот проценти од вкупната оцена потребни за успешно совладување на наставниот предмет, но го освоил минимумот проценти од вкупната оцена за пристапување на завршна проверка на знаења (испит), може да пристапи на завршна проверка на знаења (испит) во редовните испитни рокови.
Ако е исполнет условот од став 1 на овој член, а студентот ја следел наставата по наставниот предмет во зимскиот семестар, има право да пристапи на завршна проверка на знања (испит) во зимскиот и во летниот испитен рок. Студентот кој заклучно со летниот испитен рок не го совладал успешно наставниот предмет, должен е тој наставен предмет да го презапише во наредниот семестар и повторно да ја следи наставата со покривање на трошоците.
Ако е исполнет условот од став 1 на овој член, а студентот ја следел наставата по наставниот предмет во летниот семестар, има право да пристапи на завршна проверка на знања (испит) во летниот и во есенскиот испитен рок. Студентот кој заклучно со есенскиот испитен рок не го совладал успешно наставниот предмет, должен е тој наставен предмет да го презапише во наредниот семестар и повторно да ја следи наставата со покривање на трошоците.

2. Завршна проверка на знаења (испит)

Член 26
Знаењата на студентите по одделни наставни предмети се проверуваат преку завршна проверка (испит).
Со предметните  програми се утврдува на кои наставни предмети знае-њата се проверуваат преку завршна проверка (испит).

Член 27
Студентот може да пристапи на завршна проверка на знаењата (испит) доколку ги исполни условите предвидени со предметните програми. Доколку не ги исполни условите, должен е во следниот семестар да го презапише наставниот предмет и повторно да ја следи наставата со покривање на трошоците.

Член 28
Доколку студентот ја следел наставата по наставниот предмет во зимскиот семестар, има право да пристапи на завршна проверка на знаења (испит) во зимскиот и во летниот испитен рок. Ако студентот заклучно со летниот испитен рок не го совлада успешно наставниот предмет, должен е тој наставен предмет да го презапише во наредниот семестар и повторно да ја следи наставата со покривање на трошоците.
Доколку студентот ја следел наставата по наставниот предмет во летниот семестар, има право да пристапи на завршна проверка на знаења (испит) во летниот и во есенскиот испитен рок. Ако студентот заклучно со есенскиот испитен рок не го совлада успешно наставниот предмет, должен е тој наставен предмет да го презапише во наредниот семестар и повторно да ја следи наставата со покривање на трошоците.

Член 29
На факултетот не се организира идентична настава за ист наставен предмет и во зимскиот и во летниот семестар.

Член 30
Со одлука на деканатската управа на факултетот се утврдува висината на трошоците за повторно следење на наставата.

IX. Завршување на студиите

Член 31
Студентот го завршува првиот циклус универзитетски студии со полагање на сите испити и со освоени најмалку 240 кредити во текот на целокупните студии.

X.Диплома

Член 32
Студентот кој ќе ги изврши сите обврски по студиската програма се стекнува со диплома.
Со дипломата се потврдува дека студентот завршил студиска програма од прв циклус. Составен дел на дипломата е додаток на дипломата.

Член 33
Условите и постапката за издавање диплома и за одземање на издадената диплома се уредуваат со правилник на Универзитетот.

XI.Мобилност на студентот

1.Паралелно студирање

Член 34
Паралелно студирање на две студиски програми истовремено се уредува со Правилник на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” – Скопје.

2.Премин од една на друга студиска програма во рамките на факултетот

Член 35
Во текот на студиите студентот може да премине од една на друга студиска програма во рамките на факултетот.

Член 36
За преминување од една на друга студиска програма, студентот е должен да положи контролен испит. Испитните програми на контролниот испит се идентични со испитните програми на редовниот приемен испит. 
Контролниот испит се полага пред комисии составени од 3 (три) наставници, од кои најмалку двајца се од соодветната област.
За преминување од студиската програма за композиција или од студиската програма за оркестарско диригирање на студиската програма за музичка теорија и педагогија не се полага контролен испит.
Контролниот испит се спроведува во периодот помеѓу завршувањето на летниот семестар и започнувањето на зимскиот семестар.

Член 37
Студентот може да премине од една на друга студиска програма, доколку успешно ги совладал сите задолжителни наставни предмети од првиот и вториот семестар на студиската програма од која преминува.

Член 38
Наставните предмети кои се успешно совладани на студиската програма од која студенот преминува можат да се признаат за успешно совладани и на студиската програма на која студентот преминува. Признавањето го вршат комисии составени од 3 (три) наставници, од кои најмалку двајца се од соодветната област.

Член 39
За преминот од една на друга студиска програма студентот е должен да достави образложено писмено барање до деканатската управа на факултетот најдоцна 20 (дваесет) дена пред почетокот на зимскиот семестар.
Деканатската управа на факултетот го утврдува терминот за одржување на контролниот испит и ги формира комиисите од член 36 став 2 и член 38 на оваа Одлука.
Студентот се запишува на новата студиска програма во времето предвидено за запишување наставни предмети во зимскиот семестар.

Член 40
Студентот самостојно ги сноси трошоците за преминување од една на друга студиска програма и трошоците за школување на студиската програма на која преминал.

3.Премин од други високообразовни установи

Член 41
Во текот на студиите студентите од други високообразовни установи можат да преминат на факултетот.
За преминувањето од друга високообразовна установа на факултетот соодветно се применуваат член 36 став 1, 2 и 4, член 38, член 39 став 1 и став 2 и член 40 на оваа Одлука.

XI.Преодни и завршни одредби

Член 42
Студентите од прв циклус на студии имаат право да ги завршат започнатите студии според условите утврдени со Статутот и другите акти на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”.     

Член 43
Со денот на усвојувањето на Студиските програми на првиот циклус универзитетски студии на Факултетот за музичка уметност - Скопје, престанува да важи Одлуката за дополнување на студиските програми за додипломски студии на Факултетот за музичка уметност – Скопје (Правила на студирање), донесена на седницата на Наставно-научниот уметнички совет на факултетот одржана на 30.9.2005 година.