Редовен професор
д-р Горан Начевски
Соло-пеење, Композиција, Хармонија и полифонија со анализа, Музички форми со анализа
email: gnacevski@hotmail.comРоден е во Скопје, 1978 год. Средно образование заврши во МБУЦ-Скопје (композиција кај проф. Т.Манчев и соло пеење кај Ѕ.Мирчевска). Дипломира и магистрира композиција кај проф. д-р Милан Славицки, а во 2001 година, по паралелните студии, магистрира и соло пеење кај проф. Рене Тучек на Факултетот за Музичка уметност во Прага. Во 2006 год. на истиот факултет ги заврши редовните докторски студии под менторство на проф. М. Славицки и успешно ја одбрани дисертацијата посветена на творештвото на Витолд Лутославски.
Од неговото творештво изведени се дела во Македонија и во странство (Италија, Прага и Виена): циклусите за баритон и пијано Балада за времето и Есенска молитва, Гудачко трио, Дувачки квинтет, Фантазија за оргуљи, Господи помилуј за мешан хор, Елегија за гудачи (за која е добитник на престижната чешка награда за композитори Гидеон Клајн), кантатата Како молитва за баритон и симфониски оркестар (1999, изведено во Рудолфинум-Прага, со Чешкиот симфониски оркестар и сопствена вокална изведба), Седум афоризми за пијано, Разговори и фуга за виолина и пијано, Гудачки квартет (2008), симфониското дело Решение (2003) и др.
За време на студискиот престој во Прага, Начевски остварува неколку вокални рецитали, како и настапи во рамките на Оперското Студио при ФМУ во Прага (арии и ансамбли од Вердиевите Дон Карлос, Риголето и Бал под маски).
Со успешното деби во март 2006 год. како Шарплес во операта Мадам Батерфлај (со која гостува и на сцената на Операта во Тирана), Начевски ја продолжува својата вокална кариера како солист баритон во Македонската Опера и Балет, и за краток период од три години на истата сцена дебитира во уште дванаесет главни улоги: Амонасро (Аида), Жермон (Травијата), Гроф Луна (Трубадур), Енрико (Лучија ди Ламермур), Тонио (Палјачи), Алфио (Кавалерија Рустикана), Марчело (Боеми), Тадео (Италијанка во Алжир), Црнољуб (Цар Самуил), Дон Естобан (Џуџето од Землински), Ренато (Бал под маски) како и баритонското соло во кантатата Кармина Бурана.
Начевски се посветува и на концертното пеење, а од многубројните настапи се издвојува оној со хорот Рустико на Охридско лето 2006, целовечерниот рецитал во рамките на Есенски Музички Свечености 2006, Концертниот Маратон на Симон Трпчески во јуни 2007, како и целовечерниот рецитал на Охридско лето 2009.
Од 2007 год. Начевски работи и како асистент по теорија на музиката со композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје.