Редовен професор
д-р Трена Јорданоска
Естетика на музиката, Музикологија, Сонологија со мултимедија
email: trenajordanoska@t.mkТрена Јорданоска е музиколог и редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје по предметите естетика на музиката, социологија на музиката, методологија на научното истражување, музикологија и сонологија со мултимедија. Во периодот 2006–2017 била ангажирана и на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш, Република Србија по предметите вокална литература, анализа на музичките стилови и естетика на музиката.
Основното и средното музичко образование го завршува во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје на Одделот по пијано во класата на проф. Силвија Проскова (основно музичко образование) и проф. Надежда Пожарицкаја-Пејсахова (основно и средно музичко образование) и во класата по камерна музика на проф. м-р Даница Стојанова. Во овој период таа е добитник на повеќе први и специјални награди по пијано и камерна музика на државни и меѓународни натпревари по пијано.
Дипломира на ФМУ во Скопје на Одделот по музикологија и Одделот по сонологија. Како најдобар дипломиран студент на Одделите по композиција, диригирање и музикологија е првиот добитник на наградата од Фондацијата „Томислав Зографски” во 2006 година. Во 2008 година магистрира на ФМУ во класата на проф. д-р Димитрије Бужаровски со трудовите „Проблеми на методологија на изработка на музички критики во македонската музичка култура во 21 век” и „Местото и улогата на Ладислав Палфи во појавата на македонскиот професионален пијанизам”. Во 2011 година ја одбранува докторската дисертација „Дигиталните медиуми и стратификацијата на музичката култура на тинејџерската популација во главниот град на Република Македонија – Скопје во 2009 година” на ФМУ - Скопје под менторство на проф. д-р Димитрије Бужаровски.
Активна е во повеќе области од кои најдоминантни се оние поврзани со дејноста на Институтот за истражување и архивирање музика – ИРАМ и Архивот Бужаровски: аудио и видео снимања и монтажа, архивирање на културното наследство (дигитализација на Колекцијата Пенушлиски во 2008 година), одржување на Интернет страницата на ИРАМ http://mmc.edu.mk и на Архивот Бужаровски http://buzar.mk, организацијата на настаните на ИРАМ, подготовка на радио емисии и документарни видео програми.
Со музиколошки трудови била учесник на поголем број интернационални конференции и работилници во Македонија, Хрватска, Србија, Грција, Албанија, Хрватска, Словенија, Велика Британија, Полска, а се јавува и како рецензент за музички настани во дневниот печат во Македонија. Автор е и ко-автор на поголем број статии во научни списанија, зборници од научни конференции, Grove Music Online, книга со транскрипции на детски игри и монографијата Музички клуч. Исто така таа е соработник во книгите на Димитрије Бужаровски Истражувачки методологии, Историја на естетиката на музиката, Музикономија, Сонологија и Социологија на музиката, како и серија книги посветени на опусот на овој композитор (достапнo на http://buzar.mk). Добитник е на наградата за научник на годината во подрачјето хуманистички науки, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2019 година.