М-р Васо Ристов – еден од најпознатите македонски солисти на дувачки инструменти во својата генерација. Роден во Радовиш – крај откаде потекнуваат видни македонски музички уметници и творци – Васо Ристов своето образование го стекнува кај истакнатиот уметник и педагог Симеон Савев во чијашто класа го завршува Средното музичко училиште во Штип и Факултетот за музичка уметност во Скопје. Уште во студентските денови се бележи и почетокот на неговата уметничка дејност: Васо Ристов станува соработник во оркестарот на Македонската Опера и Балет која 25 години ќе биде неговата матична институција и во која за кратко време ќе стигне до позицијата на прв трубач-солист (а подоцна – и уметнички директор на Македонската Опера). Покрај студирањето и стекнувањето искуство во оркестарот, Васо Ристов ги користи различните можности за професионалното усовршување, редовно учествувајќи на семинари и музички кампови за млади уметници, а добива и бројни награди на повеќе државни натпревари во поранешната СФРЈ. Од особено значење за неговата професионална кариера се специјализацијата на Академијата за музичка уметност во Прага – Чешка и магистерските студии на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија – Бугарија. Во изминатиов период Васо Ристов е постојано ангажиран во различни ансамбли: Симфонискиот оркестар во Румбурк – Чешка, Симфонискиот оркестар во Приштина – Косово, Македонската Филхармонија, Воениот оркестар на АРМ и неговата матична институција-Македонска Опера и Балет и др. Со овие ансамбли и како солист Васо Ристов учествува на најзначајните фестивали и манифестации во својата земја и надвор од неа.
Исклучително важна гранка на професионалната дејност на Васо Ристов е педагогијата со која тој почна да се бави набрзо по дипломирањето, предавајќи во музичкото училиште во својот роден град. Веќе како познат уметник, Васо Ристов беше ангажиран во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“,.Државниот универзитет во Тетово-Универзитетот во Приштина,Универзитетот Гоце Делчев во Штип-Визитинг професор на факултетот за музички уметности во Митровица(Косово)а денес тој е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје кадешто несебично го споделува своето знаење и искуство со младите генерации. Во изминатиов период Васо Ристов постигна завидни педагошки резултати: над 80 награди за неговите ученици и студенти на бројните меѓународни натпревари и 30 дипломци во неговата класа од кои десетина се стекнале и со звањето магистер. Овие млади уметници веќе заземаат водечки позиции во сите професионални оркестри на Македонија. Со своите уметнички и педагошки дострели Васо Ристов стекна авторитет кај неговите колеги од различни земји кои му доверуваат водење на стручното жири на бројни меѓународни натпревари, одржување на семинари, мастер класи и редовна настава на универзитетите во земјава и странство.