Редовен професор
м-р Весна Ѓиновска Илкова
Соло-пеење
Од својата осумгодишна возраст започнува со изучување на музиката во нижото музичко училиште “Илија Николовски – Луј”, свирејќи виолончело во класата на проф. Димче Стојановски.
По препорака на тенорот Симеон Гугуловски,во 1986 година влегува во класата на проф. Милка Ефтимова, отсек соло – пеење, и во наредните 4 години остварува завидни резултати и настапи на државни натпревари.
Во 1990 година се запишува на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класата на нејзиниот професор Ефтимова. Во 1992 година настапува на натпреварот “Томе Грнчаровски”, во склоп на “МОВ” каде е издвоена и започнува со работа на улоги во оперското студио на проф. Ф.Муратовски и П.Лековски при Факултетот за музички уметности – Скопје.
Во 1994 година дипломира и заминува на усовршување во Софија каде работи со Караскакова, а подоцна со пијанистот Чернева.
На сцената на МОБ дебитира во 1996 година во улогата на Микаела, а истата година е финалист на натпреварот “Борис Христов” и дебитира во улогата на Елизабета во операта “Дон Карло”.Од тогаш започнува нејзината меѓународна кариера.Соработува со агенцијата “АТЛАНТИКОПЕРА ХАУС” на г.Госта Шварк и со нив патува на турнеи во Данска со улогата Аида (15 представи), во Шпанија со улогата Тоска (10 представи), во Италија со улогата Сантуца и Дона Леонора.
Во 2001 година го отвара “Хистрија фестивал” со Загрепската опера во улогата на Аида, изведена во Арената во Пула. Истата година ги отвара “МОВ” со улогата на Дона Леонора во “Моќта на судбината”, а подоцна настапува во улогата на Лиу. Се нижат гостувањата и настапите во нови улоги.
Во 2002 година со Словенечката филхармонија ја работи улогата на Дездемона. Во март истата година го има својот самостоен концерт со Радмила Бакочевиќ и Симон Трпчевски како гости.
Во 2003 година заминува кај Рајка Кабарванска, една од водечките светски примадони со која соработува неколку месеци, остварувајќи притоа неколку концерти со софиската филхармонија.
Во 2005 година дебитира во Риечката опера во улогата на Џоконда.
Во 2007 година ги завршува магистерските студии кај проф.Р.Бакочевиќ со улогата на Батерфлај, а подоцна ја пее улогата Аида со Сава Центар со белградската опера под диригентската палка на маестро Лапинш. Истата година станува доцент на Факултетот за музичка уметност – Скопје.
Добитник е на бројни награди од кои се издвојуваат: 13 Ноември (2002), Златна лира (2009), Борис Христов (2001), Ханс Габор Белведере (1996, 1998), Личност на годината (2005), Амбасадор на Стопанска комора (2006).
Настапува со реномирани диригенти: Карло Дон Адио – Римска опера, Лапинш - Галина Вишневскаја театар, Павле Дишпаљ, Нада Матошевиќ (Хрватска), Дејан Савиќ (Србија), Лајовиц (Словенија), Лорис Волтолини (Италија).