Вонреден професор
м-р Владимир Костов
Виолина, камерна музика за гудачки инструменти, оркестарски делници за виолина
Владимир Костов е роден во Битола 1975 год., каде го започнува своето музичко образование. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност - Скопје во класата на проф. Михајло Куфујонакис. Магистрира во класата на истот професор, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др.
Владимир Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќе пати е избиран да членува во реномираниот Светскиот оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Xемс Енес, Даниел Мулер Скот). Со овој оркестар има неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот - Националниот уметнички центар во Отава, Линколн Центар, Универзитетот Харвард, Берлинска Филхармонија, Gewandhaus во Лајпциг, Келнска Филхармонија, Koncerthaus Берлин, Koncerthaus Виена, Шпанија, Полска, Кина итн. Настапува и со оркестарот Исток-запад во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.
Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика "Алеа", камерното студио за барокна музика "Бахус", квартетот "Бревис", основач е на клавирското трио ВАМ, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите "Медичи" Квартет (Шведска), "Артемис" Квартет (Германија) и Квартетот "Миро" (САД). Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска. Моментално работи како концертмајстор во Македонската филхармонија.