Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

м-р Андријана Јаневска

Вонреден професор

м-р Андријана Јаневска

Соло пеење – популарни жанрови, Група наставни предмети од областа на популарните жанрови

email: info@andrijana.com.mk

Андријана Јаневска (06.12.1981) е родена во Скопје, каде моментално живее и работи. Музичката наобразба ја започнува на 6 годишна возраст во нижото музичко училиште, отсек виолина. Средно училиште завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје, отсек виолина кај проф. Иле Темков. Во 2004 година дипломира со највисока оцена на Факултетот за музичка уметност во Скопје на вокално-инструменталниот оддел - отсек виолина, кај проф. Љубиша Кировски. Во 2011 година магистрира со просек 10,00 на одделот за Музичка теорија и педагогија, отсек Методика на музичка настава кај проф. д-р Викторија Коларовска Гмирја.

            За време на средното музичко образование посетува дополнителна настава по диригирање и композиција, и активно учествува на семинари по виолина кај виолинистите Марина Јашвили и Благоја Димчевски.

            Работела како наставник по музика на Факултетот за Аудио-Визуелни Уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, наставник по музика во гимназијата Алгоритам, наставник по виолина во музичкото училиште во Куманово и како наставник по солфеж, теорија на музика, естрадно пеење и пијано во музичкото училиште „Ентерпрајз“. Неколку години е главен музички ментор на македонските претставници на детскиот Евросонг. Работи и како надворешен стручен музички соработник во списанијата за деца Росица и Смешко. Секоја година е редовен гостин-предавач во  институции од јавен интерес, културно-информативни центри, градинки, основни и средни училишта. Од 2002 година работи во Македонската Опера и Балет како прва виолина, а од јули 2017 година е доцент на ФМУ Скопје.

            Освен што пее и работи како виолинист, таа свири пијано и бас гитара. Била придружен вокал на многу уметници, меѓу кои и на Влатко Стефановски, Џибони и Бајага. Има напишано многу композиции во доменот на популарната музика, а се јавува и како текстописец и аранжер на многу популарни песни. Од 1988 до 1996 година членува во детскиот хор за духовна музика „Пиколо“. Од 1999 до 2015 година активно членува во женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“. Повеќе пати била член во жири комисии на државни и меѓународни натпревари по музика и уметност (член на национална жири-комисија за Евровизија, член на комисија за мјузиклот Тајно моја, член на комисија за избор на најталентиран ученик во Општина Карпош, член на меѓународна жири-комисија на арт фестивалите Езерски бисери и Дојрана и др.). Има издадено две книги од стручна област: „Заспивалки“, издавач Едука Мак 2015 и „Слушни, пеј, играј“, издавач Просветно Дело 2017. Неколку пати учествувала на научни конференции во Македонија а презентирала и во Рим, Италија. Има објавено абстракт во зборник на меѓународна конференција и труд со оригинални научни резултати во научно/стручно списание International Journal of Arts and Sciences, 2012.

            Во 2007 година во МОБ настапува како виолинист (главна улога) во опера/мјузикл Dorothy.Sconcerto per Oz, а претставата се репризира и во Kampnagel Hamburg, Хамбург - Германија. Како виолинист настапувала и во Осијек - Хрватска, Атина - Грција, Ниш и Белград - Србија, Париз - Франција, Рим - Италија, Њујорк, Њу Џерси, Вашингтон и Лос Анџелес - САД, Мелбурн, Канбера и Сиднеј - Австралија. Како концерт-мајстор на камерниот состав во МОБ настапува на многу детски претстави низ Македонија.

            Автор е на „Бог и јас“ - циклус соло песни за мецосопран, виолина, пијано и гитара чија премиера се одржа во Њујорк, во август 2017 година. Има напишано аранжмани за биг бенд, ревиски и симфониски оркестри. Автор е на музиката за австрискиот краткометражен филм „Hyro“, во соработка со Хрватскиот национален балет.

 

НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА (КЛАСИЧНА МУЗИКА)

 

Специјална I награда (100 бода) - солфеж, државен натпревар (05.04.2001);

I награда во II категорија - клавирско трио, државен натпревар (28.04.1999);

II награда во I категорија - виолина, државен натпревар (01.04.1993);

II награда во III категорија, виолина, државен натпревар (05.04.1995);

III награда во I категорија - виолина, државен натпревар (04.04.1992);

Пофалница, виолина - државен натпревар (1995);

Пофалница на државен натпревар по виолина (25.04.1996);

 

            Сопственик е на музичкото студио „Гиновски“ каде работи како композитор, пејач, виолинист, аранжер, пијанист и продуцент на изданија (реклами, видео игри, песни) во САД, Англија, Финска, Јужноафриканска Република, Италија, Канада, Полска, Грција, Австрија, Австралија, Шведска, Аргентина и др.

            Како пејачка и автор, дебитира на Скопје фест 1998 со своја композиција, а во 1999 година година на истиот фестивал освојува награда за најдобра интерпретација, најдобар текст и втора награда од жири. На Скопскиот фестивал 2000 година  настапува со песната „Твоето писмо моја Библија“ која ќе стане хит на деценијата. Победник е на Макфест 2000 година со песната „Љубов ти е адреса, а во 2001 година на Скопскиот фестивал освојува Гран при со песната Носталгија. Истата година го промовира првиот солистички албум „Моја Библија“. На Макфест 2001 година го освојува второто место со песната „Ден по ден“. Во 2000 година одржува солистички концерти во Мелбурн и Сиднеј, Австралија. Во 2002 година, повторно се натпреварува на изборот за песна на Евровизија, каде со песната „О Шери, мон Шери“ го освојува второто место. Истата година одржува солистички концерт во Минхен, Германија. Во 2006 година го промовира вториот солистички албум „Ден“. Во 2008, со Митан проект издава албум со 15 традиционални македонски песни „Македонски рози“. Албумот е прогласен за најпродавано издание во 2008 година. Веќе следната 2009 година издава нов албум со традиционални македонски песни, „Приказна за едно моме“, како продолжение на проектот со Митан. Во 2010 година го издава албумот со  детски божикни песни „Ѕвездичка мала“. Во 2011 година го издава албумот „Кога си среќен“ кој содржи 15 детски песни од англиско говорно подрачје, препеани на македонски јазик. Во 2015 година го промовира проектот „Заспивалки“, кој е прв проект од ваков вид во Македонија. Содржи книга за деца со илустрации и албум со 10 приспивни приказни и 10 приспивни детски песни на македонски јазик. Во 2017 година го промовира изданието „Слушни, пеј, играј“ со традиционални детски песни.

            Во својата богата концертна кариера, настапувала во сите градови низ Македонија. Во странство концертирала во Хрватска, Словенија, Полска, Словачка, Грција, Бугарија, Црна Гора, Кипар, Србија, Португалија, Германија, Франција, Шпанија, Италија, Шведска, Швајцарија, Летонија, Австралија и САД. Повеќепати настапувала како солист во придружба на Македонската Филхармонија и оркестарот на МОБ. Има одржано голем солистички концерт во придружба на симфонискиот оркестар во МОБ на 12  јануари 2017 година, како и повеќе солистички концерти низ Македонија, во придружба на камерни оркестри и поголеми бендови, од кои позначајни се концертот на фестивалот Охридско Лето (Антички театар, Охрид) и отворање на Битолско културно лето (Хераклеа, Битола). Во 2014 година во МОБ ја игра главната улога (Пенелопе) во првиот мјузикл во Македонија „Пенелопе Х“.

 

НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА (ПОПУЛАРНА МУЗИКА)

 

1999 - втора награда од жири, награда за најдобра интерпретација и награда за најдобар текст на Скопје фест;

1999 - награда за најдобар дебитант на Макфест;

1999 - втора награда од жири на Охрид фест;

1999 - трета награда од публика и награда за најдобра интерпретација на Еврофест;

2000 - гран при на Макфест;

2000 - добитник на наградата „Откритие на годината“;

2000 - втора награда од публика на Еврофест;

2000 - награда за најдобра пејачка на годината на манифестацијата „12 величествени“;

2000 - награда за хит на годината за песната „Твоето писмо моја Библија“;

2000 - награда за најдобра пејачка на годината на манифестацијата „О каква ноќ“

2001 - гран при (прва награда од публика и прва награда од жири) на Скопје фест;

2001 - втора награда од публика и награда за најдобар сценски настап на Макфест;

2001 - награда „Лице на годината“ на манифестацијата „Лице на годината“;

2001 - трета награда од жири на Еврофест;

2002 - второ место на македонскиот избор за песна на Евровизија;

2008 - втора награда од жири на Охрид фест;

2013 - прва награда од жири на Охрид фест;

 

Албуми:

2001 - Моја Библија

2006 - Ден 

2008 - Македонски рози (етно)

2009 - Приказна за едно моме (етно)

2009 - Ѕвездичка мала (детски песни)

2011 - Кога си среќен (детски песни)

2013 - Патување на полноќ (во живо - етно)

2015 - Заспивалки (детски песни и приказни)

2017 - Слушни, пеј, играј (детски песни)

 

Синглови:

Има издадено 36 синглови и снимено 16 професионални видео спотови.

 

            Најголемо хоби и‘ е шахот, а како портпарол на Шаховската Федерација на Македонија, го организира Европскиот Шаховски Куп во Струга. Член е на шаховскиот клуб „Гамбит“. Од 2009 година е во брак со Драган Гиновски - Гино, познат македонски рок гитарист и аранжер (Архангел) со кого има два сина, Димитар (2011) и Кристијан (2015). Течно зборува англиски јазик.