Објавено на: 11 декември 2015
Поставувањето на „Свирач на покривот“ е вистински подвиг
Ангелина Димоска
„Свирач на покривот“ е олдскул - мјузикл, еден од најизведуваните на светските сцени, премиерно поставен на „Бродвеј“ во 1964 година. Има класична музичка структура и одлична приказна што го држи вниманието на публиката, иако е растегната на речиси три и пол часа. Овој мјузикл последен пат на сцена го постави битолската опера во рамките на фестивалот „Охридско лето“ во 2007 година и оттогаш не е поставен на наша сцена. Немаме богата историја во поставувањето на оваа музичко - сценска форма, па токму поради тоа поставувањето на „Свирач на покривот“ од студентите на Факултетот за музичка уметност беше подвиг, на кој младите музичари одговорија како вистински професионалци, креирајќи силна и моќна претстава.
Мјузиклот „Свирач на покривот“ се изведе на сцената на МОБ по повод 49 - годишнината од постоењето на Факултетот за музичка уметност, а учесници во проектот беа студенти од сите катедри. Свиреше оркестарот на факултетот, предводен од диригентот Саша Николовски - Ѓумар, а настапи и хорот „Драган Шуплевски“, подготвен од Сашо Татарчевски. Режијата е на Цветан Стојановски, сценографијата на Зоран Николовски, а кореографка е Олга Панго. „Свирач на покривот“ е мјузикл во два чина - музиката е на американскиот композитор Џери Бок, а автор на текстот е Шелдон Харник. Дејството се одвива на почетокот на 20 век, во царска Русија, и го следи животот на еврејската заедница во малото село Анатевка. Приказната е фокусирана на отсликување на судбината на жителите на ова село, како и на другите еврејски населби во Русија, кои биле протерани од сопствените огништа со царски указ. Мјузиклот изобилува со голем број песни, од кои најпознати се: „If I were a rich man”, „Sunrise, Sunset” и „Matchmaker, Matchmaker”, со живописни ликови на малите луѓе, со духовити дијалози. Борбата за живот на сиромашните жители во Анатевка, всушност, е прикажана на хумористичен начин, поради што „Свирач на покривот“ стекна репутација на исклучителна музичка комедија.
Баритонот Ернес Ибраимовски маестрално го одигра главниот лик, млекарот Реб Тевје, пренесувајќи ја на сцена универзалната привлечност на овој карактер - сиромашен Евреин со големо срце. Одлична беше и Катерина Весковска, која ја играше неговата жена Голде, како и Николина Јаневска, Ања Митиќ, Деспина Спировска...Денис Димовски одлично „влезе“ во карактерот на шивачот Мотел. Сите учесници во оваа продукција на „Свирач на покривот“ конзистентно ги пренесоа атмосферата, емоциите, драматичноста и комичноста на овој мјузикл. Беа одлични актери, автентично ги изнесоа на површина есенцијалните нишки на ликовите во овој мјузикл. И музички „Свирач на покривот“ беше солидно одработен, оркестарот на ФМУ звучеше стегнато и сигурно, креираше стабилна музичка слика.
Студентите од ФМУ направија одлична музичко - сценска продукција на најизведуваниот класичен бродвејски мјузикл, кој доживеа и филмска верзија во режија на Норман Џевисон во 1971 година што беше наградена со три „оскари“. Младоста беше движечка сила во оваа продукција на „Свирач на покривот“, па затоа повремената несигурност и срамежливост на солистите во ниту еден момент не пречеа. Еланот, силната мотивираност и посветеност беа главни атрибути на оваа продукција на славниот бродвејски мјузикл што доживеа интернационална репутација и беше награден со девет статуетки „томи“.