Објавено на: 07 декември 2016
На 6.12.2016 година, се одбележаа 50 години од основањето на најстарата високообразовна музичка институција во Република Македонија - Факултетот за музичка уметност – Скопје.
На овој значаен Јубилеј, в. д. Деканот на Факултет за музичка уметност - Скопје, проф. м-р Зоран Пехчевски, додели посебни благодарници на институциите кои изминативе години несебично го подржуваа Факултетот и ја даваа својата поддршка за неговиот развој - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Министерството за култура на Република Македонија и Претседателот на Република Македонија, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов.
На свечениот концертот на кој настапија Симфонискиот оркестар на ФМУ, биг-бендот, хорот и оркестарот на народни инструменти, под диригентската палка на проф. м-р Сашо Татарчевски и проф. м-р Саша Николовски – Ѓумар, премиерно беше изведена композицијата „Твојот пат“ од проф. Живоин Глишиќ, која специјално беше компонирана за овој настан, а имавме и исклучителна можност да чуеме и премиерна изведба на композиции од Г. Свиридов, И. Стравински, Д. Мијо, Х. Вила-Лобос и А. Гинастера.
Како солисти на овој концерт настапија и поранешните студенти на Факултетот за музичка уметност - Скопје, баритонот Иван Наумовски и сопранот со светска слава, доц. м-р Ана Дурловски.
Концертот беше во соработка со продуцентската куќа „La Fura dels Baus“ од Шпанија.