Објавено на: 30 април 2018
Вонр проф. д-р Искра Шукарова кореограф и професор при ФМУ-УКИМ и Урсула Еагли кореограф од САД, заедно со студентите од катедрата за современ танц при ФМУ-УКИМ, на 29 април настапија во фоајето и малата концертна сала во Македонска филхармонија и го одбележаа Меѓународниот ден на танцот прикажувајќи нови современи танцови тенденции.
Оваа вечер имаше за цел да направи пресек на уметничкиот и едукативниот современ танцов процес. Публиката имаше можност да го види работниот процес на студентите при ФМУ и самостојното дело на Урсула Еагли остварено во склоп со кореографското дело на вонр проф. д-р Шукарова насловено како „Чудна Шума“.
Како дел од овој современ танцов настан беше поканет и Џијан Емин кој беше вклучен како соработник во креирањето на музичкиот концепт. Во Њујорк 2007 година заедно со Јошико Чума од Јапонија, Џијан Емин веќе оствари претходна соработка со вонр. проф. д-р Шукарова и Еагли на проектот „Страница надвор од редот“.
Урсула Еагли и вонр. проф. д-р Искра Шукарова за првпат се поврзаа кога изведуваа во Њујорк заедно со Јошико Чума. Две години по нивната соработка, вонр. проф. д-р Шукарова и Еагли лансираа заеднички проект во Њујорк 2008 година. Тие две имаат работено заедно во 2010 година во Драмски Театар Скопје, со поддршка на Dance Theater Workshop's Suitcase Fund, во 2011 година како дел од NYC's Performance Mix Festival со поддршка на Trust for Mutual Understanding и во 2015 како дел од Фестивалот Локомоушн во Скопје.
Програма што беше претставена беше изведена како перформанс при кој беше воспоставена нишката на структурираното општествено живеење пренесувајќи ја публиката низ суспендираните магични базени од сластни танци.
Настанот воедно ја промовира и работата на катедрата за балетска педагогија – современ танц која е формирана во 2010 година при ФМУ-УКИМ.
За одбележувањето на 29 април - Меѓународниот ден на танцот се сподели пораката од македонскиот автор Марко Мицов проследен од страна на Македонскиот интернационален театарски институт кој оваа година слави 70-та јубилејна година. Пораката оваа година ја прочита Нина Костовска од Центарот за Даунов синдром во Македонија со кои вонр. проф. д-р Шукарова соработува преку проектот „И јас сакам да бидам балерина“ подржан од УНИЦЕФ.
Ова е овозможено благодарение на подршката на Македонската филхармонија во соработка со Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и на фондот GPS-Global Practice Sharing/Trust for Mutual Understanding and Movement Research.
Воедно, оваа програма е уште еден настан од проектот инициран од Шукарова Nomad to Nomad како дел од NGO Nomad Dance Academy-Macedonia.