Објавено на: 26 февруари 2019
На покана на еден од најдобрите бугарски композитори, пијанисти и педагози проф. Виктор Чучков, нашиот реномиран пијанист и педагог доц. м-р Дино Имери ќе биде дел од стручното жири на меѓународниот натпревар „Надежи, Таленти, Мајстори“ кој ќе се оддржи во Добрич, Р. Бугарија од 9-13.09.2019.
Натпреварот кој за прв пат се одржал во 1996, а од тогаш се одржува секоја година, ги содржи категориите пијано, пијано-дуо, камерна музика, гитара, виолина и виола.
Учеството на Имери веќе се најавува во бугарските медиуми, а интересот е огромен особено поради повеќето спектакуларни настапи кои пијанистот ги одржал изминативе години во Софија. Имено, во најава е нов настап на Имери со солистички рецитал кој ќе содржи дела од македонското творештво во циклусот „Музиката на Европа – Македонија“ во организација на Софиската Филхармонија веќе на 15.04.2019.
Во пресрет на сите овие настани, нашиот млад пијанист и педагог неодамна се стекна и со наградата „Златна Бубамара“ за „Маестро на годината“ што секако претставува и промоција на класичната музика и вистинските уметнички вредности на една од најпознатите и најгледани манифестации во земјата.
Ве покануваме да погледнете повеќе информации на следниве линкови:
- https://www.facebook.com/HopesTalents-Masters-Dobrich
- https://www.youtube.com/watch?v=l4F53cAaD-w
- https://www.youtube.com/watch?v=l6DW_xu96oY