Објавено на: 17 март 2019
Работилница за современ танц на ФМУ – Скопје со словенскиот кореограф Урша Рупник
Во соработка со кореографот и вонр. професор на ФМУ, д-р Искра Шукарова
Учесници: Студенти од студиската програма за балетска педагогија – современ танц на ФМУ – Скопје, и ученици од средниот оддел – класичен балет и модерен танц од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје
Урша Рупник
Од 18 до 21 март 2019 година на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе гостува проф. Урша Рупник, кореограф од Словенија. Во работилницата ќе земат учество студентите од студиската програма за балетска педагогија – современ танц од класата на вонр. проф. д-р Искра Шукарова од ФМУ, како и ученици од средниот оддел – класичен балет и модерен танц од Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Работилницата ќе се реализира во салите на Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ и во студиото „Брејк а Лег“. Соработката со Рупник е резултат на размената помеѓу УКИМ ФМУ и Вишата балетска школа КГБЛ во Љубљана (www.kgbl.si) во рамките на програмата за мобилност на наставен кадар Еразмус+.
Урша Рупник и Искра Шукарова
Урша Рупник работи како кореограф со етаблирани уметници од современата танцова сцена во Словенија како Росана Хрибар, Грегор Луштек и Матјаж Фариќ, но има реализирано повеќе кореографски проекти и на современата интернационална танцова сцена. Последната деценија таа е асистент на етаблираниот кореограф Џо Алегадо (САД), со кого соработува како педагог, танчар, кореограф и е дел од неговата танцова компанија во Прага.
Рупник со студентите ќе работи на синтеза на современите и модерните танцови техники, основани врз нејзиното искуство како танчар и кореограф. Таа е инспирирана од работата со Алегадо и неговиот истражувачки принцип. Рупник истражува како движењата од рацете го иницираат движењето на телото во просторот создавајќи уникатна танцова динамика.
Гостувањето на проф. Рупник на ФМУ се надоврзува на низата успешни проекти на студентите на студиската програма за балетска педагогија – современ танц во рамки на нивната практична настава, иницирани и предводени од кореографот и вонр. професор на ФМУ, д-р Искра Шукарова, и реализирани во текот на 2018 година. Минатата година студентите имаа можност да работат со кореографите Урсула Еагли и Чарлс Слендер Вајт (САД), Грегор Камникар (Словенија) и Андреа Ситер (Франција).
Словенскиот кореограф и проф. Грегор Камникар со студентите од програмата за балетска педагогија – современ танц од класата на вонр. проф. д-р Искра Шукарова од ФМУ – Скопје (2018)
Во мај 2019 година, студентите од катедрата за балетска педагогија – современ танц се поканети да работат со Џој Мари-Томпсон (САД) како дел од интенационалната програма во Дерида Центар во Софија (www.derida-dance.com) поддржана од страна на фондот намрежата GlobalPracticeSharing.
Покрај ова, во август оваа година вонр. проф. д-р Шукарова е поканета да гостува во САД како предавач во проектот Earthdance (www.earthdance.net) во рамки на интернационалната програма за кореографи и педагози. Проектот е поддржан од мрежата Global Practice Sharing (САД), во која Шукарова е член од основањето.