Објавено на: 16 април 2019
Пијанистот Дино Имери, на покана и во организација на Софиската Филхармонија, одржа солистички рецитал во рамки на циклусот „Музиката на Европа“ на кој промовираше дела на македонските композитори Зографски, Џамбазов, Николовски, Дамир Имери, Глишиќ, Завков како и свои авторски композиции чија премиера доживеаа во концертната сала „Бугарија“.
Софиската публика не го пушташе својот миленик да ја напушти сцената, па Имери на задоволство на присутните продолжи со свирење и по редовната програма. Нашиот пијанист е редовен гостин на Софиската Филхармонија, а со овој настап во нивната 90-та јубилејна сезона го оддржа својот петти концерт во Софија.
На концертот беше присутна и г-ѓа Панда Зографска Беличанец, претседател на Фондација „Томислав Зографски“ икомпозиторот Дамир Имери кои на концертот допатува специјално од Скопје, а меѓу видните гости се најде и големиот бугарски пијанист и композитор Маестро Виктор Чучков кој со воодушевување го проследи концертот. Имено, Чучков го покани Маестро Имери да биде член на стручното жири на престижниот меѓународен натпревар по музика кој ќе се оддржи во Добрич, Р. Бугарија во Септември со што продолжуваат ангажманите на нашиот пијанист во соседна Бугарија.
За медиумите нашиот пијанист изјави: „Би сакал да се заблагодарам на луѓето од Софиската Филхармонија кои ја иницираа идејата во нивниот град да се претстави македонското творештво. Се надевам дека достојно ја претставив нашата богата музика, а се надевам дека оваа програма ќе може да ја чуе и публиката во Македонија.“