Објавено на: 29 декември 2019
Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ одбележа 20 години од своето постоење со концерт одржан на 24 декември 2019 година во Фоајето на Националната опера и балет. „Солистите на ФМУ“ под диригентско водство на проф. м-р Сашо Татарчевски настапија со Concerto grosso op. 6 No. 8 (Концерт за Божиќната вечер) од Арканџело Корели и Миса за изгрејсонцето од Ола Јеило. На концертот посебен поздрав беше упатен до проф. Велко Тодевски, иницијатор за создавање на „Солисти на ФМУ“ и негов долгогодишен раководител и диригент.
Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ својот промотивен концерт го одржа на 28 декември 1999 година. Составен од избрани студенти на гудачкиот оддел на Факултетот за музичка уметност – Скопје, oд своето основање до денес оркестарот континуирано остварува бројни успешни концерти во Македонија и во странство. Со оркестарот изминативе години раководат проф. м-р Борјан Цанев и проф. м-р Сашо Татарчевски. На репертоарот на оркестарот е музиката од сите епохи, вклучително и премиерни изведби на дела од македонски современи композитори.