Објавено на: 17 јануари 2020
На 24 јануари (петок) 2020 година, со почеток во 12 часот, во Малата концертна сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје ќе започне одбележувањето на 20-годишнината на архивот БузАр 2000–2020 (Архив Бужаровски) на кое премиерно ќе биде прикажано документарното видео за доајенот на македонската народна музика, виолинистот, аранжер и композитор Благоја Дескоски. На сајтот buzar.mk може да се проследат кратки инсерти од видеата.
Архивот БузАр претставува еден од најголемите дигитални архиви за македонското и балканското звучно културно наследство. Во него во моментов се дигитализирани 14 големи колекции со македонски и балкански музички фолклор, неколку илјади песни и игри, мелограми, приказни, обичаи и дијалекти, аудио снимки од 110 концерти од кои 5 концерти се заокружени и како видео програми, поголем број видео спотови со дела од сериозната музика, Јени Јол видео, 170 кратки филмови од ИРАМ-овата Хроника, 14 документарни видеа за истакнати дејци од македонската музичка култура и документарно видео за програмата Темпус во Македонија, 119 програми на Студентското Интернет Радио меѓу кои и поголем број портрети на композитори и изведувачи, одржување на најстарата веб страна за македонската музичка култура и институции (поставена прв пат во февруари 1997 година), организирање на 18 меѓународни научни конференции, изработка на поголем број бази на податоци, дигитализирање на неколку илјади фотографии, текстови, книги итн.
Најновото документарно видео за доајенот на македонската народна музика Благоја Дескоски е дел од проектот за реконструкција на настаните од втората половина на минатиот век и посебно за делувањето на Малиот народен оркестар при Радио Скопје. Овој оркестар, чиј нераздвоен дел е Благоја Дескоски, има одиграно клучна улога во обликувањето на македонската народна и традиционална музика. Документарното видео е извадок од снимениот пет часовен разговор со Благоја Дескоски на 15 декември 2019 година. Видеото трае 37 минути и е поткрепено со богат фотографски и музички материјал, при што одделни фотографии и музички инсерти ќе бидат првпат јавно прикажани. Покрај проф. д-р Димитрије Бужаровски во изработката на ова видео учествуваше и вонр. проф. д-р Трена Јорданоска.
Посебно треба да се истакне дека и овој проект, како и целата дејност на БузАр, е изведена без никаква финансиска подршка, односно се основа на огромниот ентузијазам на неговиот основач и одржувач проф. д-р Димитрије Бужаровски и групата професори и студенти од ФМУ кои учествуваа во неговите бројни проекти.