Објавено на: 20 февруари 2020
Во соработка со Амбасадата на Јапонија, а во организација на Факултетот за музичка уметност – Скопје, на 19 февруари 2020 година во Концертната сала на ФМУ – Скопје јапонскиот музички уметник Јосуке Ирие (Yosuke Irie, 入江要介) одржа предавање и демонстрација на традиционалната јапонска бамбус флејта – шакухачи. Многубројните заинтересирани за јапонската музичка култура ја преполнија салата.
Настанот го побуди интересот и вниманието на пошироката јавност, меѓу присутните беа студентите на повеќе студиски програми на ФМУ – Скопје, вклучително програмите за дувачки инструменти, етномузикологија, музикологија и музичка теорија и педагогија, како и ученици од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје. На настанот присуствуваa и претставници од јапонската амбасада, деканот на ФМУ – Скопје проф. м-р Живко Фирфов, професори на ФМУ, познати уметници, новинари и многубројни љубители и познавачи на јапонската култура.
Предавањето носеше интерактивен карактер: покрај податоците за историјата, употребата и техниката на свирење на шакухачи, Јосуке Ирие им овозможи на присутните и практично да го запознаат овој инструмент. Во текот на самото предавање неколкумина присутни можеа да пристапат кон инструментот и да пробаат да произведат тон на него.
Во текот на предавањето Јосуке Ирие ги изведе следните композиции: Светско дрво од Јосуке Ирие, Гнездечки жерав (анонимен автор), Судбината на руните од Јосуке Ирие, сегмент од Пет дела - Шакухачи Чикураи од Макото Морои, Феноменот на Земјата и Духот на самурајот од Јусуке Ирие.
По завршување на предавањето и одговорите на поставените прашања, беше оставено повеќе време за многубројните заинтересирани да го запознаат инструментот одблизу и практично.
Настанот предизвика интерес на медиумите, а познатиот македонски изведувач на народни инструменти и професор на ФМУ – Скопје д-р Драган Даутовски на Јосуке Ирие му подари кавал од својата богата колекција на народни инструменти.
Повеќе за инструментот шакухачи може да се прочита на следниот линк: https://www.mk.emb-japan.go.jp/files/000563814.pdf
Фотографии: 1 ФМУ; 2-9 Амбасада на Јапонија