Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

IN MEMORIAM - проф. Ратка Димитрова

Објавено на: 30 август 2020

Факултетот за музичка уметност – Скопје изразува големо жалење по повод смртта на својата долгогодишна професорка, една од втемелувачките на високообразовната настава по виолина, истакнатата македонска виолинистка и педагог проф. Ратка Димитрова.

Ратка Димитрова е родена во Скопје на 7 април 1940 година. Часовите по виолина ги следела како учесник на специјалната програма за талентирани ученици воспоставена од италијанскиот виолинист Еторе Балестри. На 11-годишна возраст имала впечатлив настап како солист со Македонската филхармонија. Во 1963 година дипломирала на Музичката академија во Љубљана во класата на проф. Л. Пфајфер, а последипломските студии ги завршила на Московскиот конзерваториум „Чајковски“ во класата на Ј. Јанкелевич во 1970 година. По завршување на своето образование Ратка Димитрова ја развива успешната уметничка кариера, а во 1971 година ја почнува својата работа на Факултетот за музичка уметност – Скопје (тогашната Висока музичка школа). Во класата по виолина на проф. Ратка Димитрова дипломирале голем број значајни уметници и наставници кои работат во Македонија и надвор од неа, а чиишто знаења и искуства се збогатени и со вредниот материјал од нејзините часови по методика на наставата по виолина. Не помал број изведувачи се сеќаваат на инспиративните часови по камерна музика кај проф. Ратка Димитрова кои за нив станале траен извор на натамошниот професионален растеж.

Богатата уметничка кариера на Ратка Димитрова, блескаво започната уште во нејзините детски години, брои настапи на концертните подиуми во Македонија и поранешна Југославија, повеќе европски земји, тогашниот СССР, Кина. Покрај солистичките настапи, Ратка Димитрова гостувала со бројни оркестри, а била и концертмајстор на Камерниот оркестар на Радиотелевизија – Скопје. Ратка Димитрова има реализирано повеќе снимки за РТВ – Скопје, ЈРТ, Радио Љубљана. За високото уметничко ниво на нејзините интерпретации сведочат воодушевувачките зборови на музичките критичари од повеќе земји.

Опширниот репертоар на Ратка Димитрова ги опфаќа делата од различни стилски епохи: барокните сонати, класичарските и романтичарските дела за виолина, како и посебно негуваните дела на македонските композитори, вклучително сонати (С. Стојков, Р. Аврамовски) и концерти (Т. Манчев).

За својата разнострана дејност проф. Ратка Димитрова е добитник на Наградата „11 Октомври“.

Вработените и студентите на Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе ја памтат проф. Ратка Димитрова како врвен професионалец – уметник и педагог, ментор на магистерски трудови, интелектуалец и ерудит. Нејзиниот лик и дело се неизоставен дел од дејноста на Факултетот за музичка уметност – Скопје и засекогаш и‘ припаѓаат на музичката култура на Македонија.

 

Факултет за музичка уметност – Скопје