Објавено на: 12 ноември 2020
IN MEMORIAM
Факултетот за музичка уметност – Скопје изразува големо жалење по повод смртта на својата долгогодишна професорка, истакнатата македонска пијанистка и педагог проф. м-р Јасминка Чакар.
Јасминка Чакар е родена во Битола на 4 јули 1939 година. Првите обиди за музицирање ги прави на 5-годишната возраст на инструментот хармоника, а редовното музичко образование го започнува во Музичкото училиште во Битола. Во 1952 година заминува на студии во Загреб кадешто завршува основно и средно музичко училиште во класата на проф. Ира Шварц, а во 1963 година дипломира на Музичката академија во класата на проф. Дарко Лукиќ. По враќање во Македонија Јасминка Чакар ја започнува својата педагошка дејност во Музичкото училиште во Битола. Во 1966 година работи како корепетитор во Македонската опера и балет, а од 1967 година предава на Факултетот за музичка уметност – Скопје (тогашната Висока музичка школа), вбројувајќи се меѓу првите наставници на оваа прва високообразовна музичка институција во Македонија основана во 1966 година. Во 1976 година магистрира на ФМУ – Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог Владимир Крпан. Во класата по пијано на проф. м-р Јасминка Чакар дипломирале голем број студенти – сегашни уметници и наставници кои успешно работат во Македонија и надвор од неа. Проф. м-р Јасминка Чакар го споделуваше своето богато професионално знаење и искуство со голем број магистранти и докторанти во процесот на нивното стручно усовршување и надградување.
Исклучителната уметничка дејност на Јасминка Чакар се одвиваше низ целиот нејзин животен век. Во кариерата на Јасминка Чакар се вбројуваат солистичките настапи на концертните подиуми во Македонија, поранешна Југославија, повеќе европски земји. Не помалку значајно е и нејзиното делување како камерен музичар во ансамбли со истакнатите македонски уметници Милка Ефтимова, Никола Атанасов, Љупчо Соколов, Душка Тасеска, Славица Петровска-Галиќ и др. Јасминка Чакар ги придружуваше и настапите на големите Андре Навара, Михаил Хомицер, Ирена Графенауер, Марине Јашвили и други зачајни имиња од светската музичка сцена. Јасминка Чакар одигра голема улога во промовирањето на музиката на македонските композитори, а на повеќе дела остварила и премиерни изведби.
За својата разнострана дејност проф. м-р Јасминка Чакар е добитник на наградите „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Златна лира“, „Мајка Тереза“, наградата за животно дело во областа на музичката педагогија и др.
Вработените и студентите на Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе ја памтат проф. м-р Јасминка Чакар како врвен професионалец – уметник и педагог, ментор на магистерски и докторски програми, човек со исклучителна ведрина и добрина. Нејзиниот лик и дело се неизоставен дел од дејноста на Факултетот за музичка уметност – Скопје и засекогаш и‘ припаѓаат на музичката култура на Македонија.
Факултет за музичка уметност – Скопје