Објавено на: 16 септември 2021
Во знак на одбележувањето на 55-годишнината на ФМУ, на јутјуб каналот на БузАр е поставено документарното видео со професорот и виолинист Зоран Димитровски. Документарното видео е снимено во 2010 година и е дел од серијата Средби која ја реализираа студентите на одделот по сонологија со мултимедија раководени од професорите Димитрије Бужаровски и Трена Јорданоска. Во оваа серија се снимени документарни видеа со неколку доајени на македонската музичка култура, кои сукцесивно ќе бидат поставени на јутјуб каналот на БузАр.
Зоран Димитровски припаѓа на првата генерација на наставници на Високата музичка школа формирана во 1966 година, која подоцна ќе го промени насловот во Факултет за музичка уметност. Во својата долгогодишна педагошка дејност, од класата на Димитровски произлегуваат виолинистите кои се стожер на филхармонискиот, оперскиот и камерните гудачки ансамбли во Македонија, нивни концерт-мајстори, солисти на концертните подиуми и педагози во музичките училишта, подоцна наследувајќи го како наставници и на Факултетот за музичка уметност. Покрај педагошката, еднакво значајна е и неговата уметничка дејност како солист и концерт-мајстор на повеќе ансамбли.