Објавено на: 05 август 2022
Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ на 8 август 2022 година (понеделник) со почеток во 20 часот во просторот на црквата Св. Софија во Охрид ќе се одржи промоција циклусот од осум книги „Димитрије Бужаровски – творештво и време“. Настанот се одржува во соработка со Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Циклусот од осум книги Димитрије Бужаровски – творештво и време претставува енциклопедиски автомузиколошки проект кој го претставува богатото творештво од над 170 опуса на еден од најзначајните македонски современи композитори. Осумте книги групирано ги претставуваат делата според следните категории: оперите Деспина и мистер Докс и Шеќерна приказна, четирите симфонии и увертира, деветте концерти, трите ораториуми и двете кантати, делата за пијано и две пијана, солистичката и камерната музика, вокалните циклуси и песни и електронската музика. Во над 1700 страници од овие книги е прикажано времето и опкружувањето во кое е настанат овој опус по што следат детални формални, хармонски, полифони и инструментациски анализи. Книгите се придружени со богат фотографски материјал и нотни примери поставени во софтверот Сибелиус во кој е префрлено целокупното творештво на Димитрије Бужаровски.
Богатиот фактографски материјал во овие книги воедно претставува и мала историја на македонската музичка култура во периодот од средината на минатиот век до денес, во кој се јавуваат многу личности кои му дадоа печат на развитокот на современата македонска музичка култура.
Книгите се издадени во електронско издание и поставени за бесплатно преземање на веб-страницата на Aрхивот Бужаровски (BuzAr), а како издавач се јавува Факултетот за музичка уметност – Скопје. Со промоцијата на целокупното издание на овој редок капитален музиколошки зафат Факултетот за музичка уметност и „Охридско лето“ се вклучуваат во одбележувањето на 70-иот роденден на Димитрије Бужаровски, кој повеќе децении е професор на ФМУ и во два наврати бил и негов декан. Дејноста на Димитрије
Бужаровски е длабоко поврзана и со фестивалот „Охридско лето“, каде извршувал повеќе значајни функции како претседател на советот, селектор, член на правниот комитет на ЕФА итн. На фестивалот исто така се изведени и повеќе негови дела во кои во повеќето учествувал и како изведувач.
Во рамките на промоцијата ќе биде прикажано видео кое води низ страниците на овие книги дополнето со аудио и видео материјал од изведбите на делата за кои се говори.