Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

IN MEMORIAM – проф. Фимчо Муратовски

Објавено на: 13 септември 2022

Факултетот за музичка уметност – Скопје изразува големо жалење по повод смртта на својот долгогодишен професор, истакнатиот македонски диригент и педагог проф. Фимчо Муратовски.

Серафим - Фимчо Муратовски е роден во Скопје на 11 август 1931 година. Музичкото образование го започнува на 10-годишна возраст со часови по пијано. Покрај Машката гимназија, ја посетува и Музичката гимназија, а потоа станува ученик во новоформираното Средно музичко училиште. Желбата и позивот за диригирање како професионална определба ја реализира во класата на истакнатиот диригент Милан Хорват на Музичката академија во Загреб во периодот 1951-58 година. Во 1964-65 година специјализира на Санктпетербуршкиот – тогаш Ленинградскиот – конзерваториум кај истакнатите професори Николај Рабинович и Илја Мусин и тесно соработува со големиот диригент Евгениј Мравински.

Исклучително богата и плодна уметничка дејност на Фимчо Муратовски е поврзана со водечките музички институции во Македонија. Од 1959 година тој е диригент во Македонската опера и балет при МНТ, кадешто остварува бројни оперски и балетски претстави со водечки македонски и странски уметници, вклучително и голем број премиери, а во два наврата е в.д. директор. Фимчо Муратовски е диригент и на отворањето на првите „Мајски оперски вечери“ во 1972 година. Во 1971-83 година станува диригент на Македонската филхармонија и нејзиниот директор во 1971-77 година, поставувајќи повеќе дела од класичниот и современиот репертоар. Со ансамблите на Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Камерниот оркестар на филхармонијата остварува бројни гостувања во поранешна СФРЈ и во странство. Фимчо Муратовски бил прв диригент на Македонскиот камерен оркестар и гостин-диригент на Камерниот оркестар на МРТВ. Диригентската уметност на Фимчо Муратовски е високо оценета од стручната критика и пошироката музичка јавност, и се карактеризира со извонредна мануелна техника, точност и прецизност на замислата и остварувањето, чувство на стилот, длабочина, достоинственост и одбегнување на надворешни ефекти.

Огромна е заслугата на Фимчо Муратовски во промовирањето на македонското музичко творештво. Делата на македонските композитори од различни генерации постојано биле во неговиот репертоар, а голем број од нив изведени премиерно.

Во 1969-83 Фимчо Муратовски е хонорарен наставник на Високата музичка школа – Факултетот за музичка уметност во Скопје, а од 1983 година е редовно вработен на оваа прва високообразовна музичка институција во Македонија, кадешто во два мандата е и декан. На ФМУ Фимчо Муратовски го втемелува Одделот за диригирање и станува основоположник на диригентската педагогија во Македонија. Во неговата класа дипломирале, магистрирале и докторирале речиси сите водечки македонски диригенти од помладата генерација, како и студенти од други земји во регионот. Покрај подготовката на диригентите, непроценлив е придонесот на Фимчо Муратовски во обликувањето на млади  оркестарски и вокални уметници преку неговите класи по оркестар и оперско студио. Покрај оркестарот на ФМУ, тој подолг период работи со Младинскиот камерен оркестар, односно Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, а, исто така, организира едукативни концерти за млада публика. Со желбата да и‘ ја доближи оперската уметност на пошироката јавност, Фимчо Муратовски објавува книги „Оперски приказни“ во коавторство со Петар Петренко и „Волшебниот Орфеј – 55 години Македонска Опера“ во коавторство со проф. д-р Драгослав Ортаков.

За својата професионална и општествена дејност Фимчо Муратовски е добитник на државната награда „11 Октомври“, како и наградата на Сојузот на композиторите на Македонија „Ѓеорѓи Божиков“, наградата за животно дело на Здружението на музичко балетски педагози и др.

Кај вработените и студентите на Факултетот за музичка уметност – Скопје проф. Фимчо Муратовски ќе остане запамтен со својот врвен професионализам, несебично споделување на големото знаење и искуство, прецизност и дисциплина, како и со своите исклучителни морални доблести. Неговиот лик и дело оставија траен белег на Факултетот за музичка уметност – Скопје и се неизоставен дел на македонската музичка култура.

 

Факултет за музичка уметност – Скопје