Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Одбележан денот на основањето на Факултетот за музичка уметност - Скопје

Објавено на: 11 декември 2017

На 6.12.2017 година, во преполната сала на Македонската филхармонија, се одржа свечениот концерт на Факултетот за музичка уметност - Скопје по повод денот на неговото основање. Достоинствено, со изведба која прилега на веќе зрели музичари кои сигурно го чекорат својот пат, студентите под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски ни приредија несекојдневно музичко доживување. Имавме исклучителна можност да ги чуеме симфонискиот оркестар и хорот „Драган Шуплевски“ изведувајќи дела од Ф. Шуберт, Џ. Верди и А. Бородин, на кои младите симфоничари и хористи на чело со својот диригент им дадоа посебен призвук.

Истата вечер, пред почетокот на концертот, во концертната сала на факултетот, се одржа и промоцијата на дипломирани и магистрирани студенти, кои свечено ги добија своите дипломи за завршен прв и втор циклус на студии, од Деканот проф. м-р Зоран Пехчевски и Продеканот за настава проф. м-р Васо Ристов.

 Со овие два значајни настани, Факултетот за музичка уметност го прослави својот 51 роденден, честитки за сите студенти и професори, кои биле и се дел од оваа најстара високо-образовна, музичка институција во Македонија!