Објавено на: 28 мај 2018
Извонредна меѓународна презентација на симфонискиот оркестар и хорот "Драган Шуплевски" при ФМУ - Скопје под раководство на проф. м-р Сашо Татарчевски.
Во периодот од 17ти - 21ви мај годинава, се одржа триесет и второто издание на FIMU (Интернационален фестивал на универзитетска музика) во Белфор, Франција. Се работи за најголемиот фестивал од ваков вид во Европа кој се одржува на петнаесет сцени поставени на атрактивни места низ целиот град, а публиката се брои во неколку стотини илјади. Годинешното издание за нас носи неколку симболики. Имено, ова е прв пат двата репрезентативни ансамбли на ФМУ-Скопје заеднички да настапат на меѓународна сцена, прв пат на фестивалот да учествува претставник од Македонија, а воедно тоа да биде и најголемата група (со 133 уметници на сцена) која е воопшто некогаш поканета да учествува на FIMU.
Концертите на симфонискиот оркестар и хорот "Драган Шуплевски" под диригентство на маестро Сашо Татарчевски поминаа со спектакуларна посетеност и интерес. После извонредните критики и силниот одек за првиот концерт, на кој големата сала беше исполнета над својот капацитет, за вториот концерт надвор од салата мораа да останат над осумстотини луѓе.
За овие концерти маестро Татарчевски избра програма со композиции од Орф, Верди, Шуберт, Моцарт, Маркез и Бородин, а хорот "Драган Шуплевски", по специјална покана на организаторите, за потребите на телевизијата исполни и композиции од македонски автори во замокот на Белфор.
Ваквата извонреднапрезентација на факултетот за музичка уметност од Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и воопшто на нашата култура на ансамблите им донесе покани за учество и на многу други големи музички настани во Светот.