Објавено на: 08 декември 2019
Серијата концерти на студентите на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под назнаката Musica Viva продолжува и во академската 2019/20 година.
Првиот концерт за оваа академска година се одржа на 18 ноември 2019 година во Концертната сала на ФМУ, во соработка со фестивалот Есенски музички свечености. Настапија Анел Селим на кларинет, студент на втора година, во класата на проф. м-р Стојан Димов, кој ја изведе Сонатата за кларинет и пијано од Франсис Пуланк и Трите пиеси за кларинет од Игор Стравински; Стефан Неделковски на саксофон, студент на четврта година во класата на вонр. проф. м-р Нинослав Димов, со изведба на Сонатата за саксофон и пијано oп. 19 од Пол Крестон и Пет егзотични танци од Жан Франсе; уметнички соработник беше Мимоза Ќека, студент на трет циклус студии во класата по пијано на проф. м-р Тодор Светиев. Пијанистката Мимоза Ќека настапи и солистички со Вечеринки бр. 8 и 9 од оп. 49, и четирите од оп. 52 од Димитрије Бужаровски.
Во среда, 11 декември 2019 година, во Концертната сала на ФМУ - Скопје, во стандардниот термин со почеток во 19 часот ќе се одржи концерт на студентите од вокално-инструменталните оддели.