Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

IN MEMORIAM - проф. д-р Томе Манчев

Објавено на: 12 април 2020

IN MEMORIAM,

Факултетот за музичка уметност – Скопје изразува големо жалење по повод ненадејната смрт на својот долгогодишен професор, истакнатиот македонски композитор и музички педагог проф. д-р Томе Манчев.

Томе Манчев е роден во Гевгелија на 25 април 1950 година. По завршување на гимназија почнал професионално да се занимава со музиката, реализирајќи го својот долгогодишен уметнички позив. На тогашната Висока музичка школа во Скопје, најнапред дипломирал на наставно-теоретскиот, а потоа на композиторскиот оддел во класата на академик проф. Властимир Николовски. Во последните години од студиите посетувал повеќе семинари и курсеви (Грожњан – Хрватска, Општин – Полска) каде што ги слушал предавањата на големите мајстори на композиторскиот занает на дваесеттиот век: Витолд Лутославски (Полска), Пјер Шефер (Полска), Андре Лпорт (Белгија), Најџел Осборн (Англија) и др. Во 1980-81 година Томе Манчев специјализира композиција во Прага, во класата на Јиржи Дворжачек, а од 1982 до 1988 г. во класите на Јиржи Дворжачек и Јозеф Церемуга каде што дипломира на највисокиот степен на студии: уметничка аспирантура на Прашкиот музички факултет. Во 1999 година станува доктор на музички науки на Државната академија „Панче Владигеров“ во Софија (Р. Бугарија), под менторство на Димитар Сагаев со трудот „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“. По дипломирањето Манчев, паралелно со творечката, развива богата педагошка дејност во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а потоа на Факултетот за музичка уметност – Скопје каде што освен стручните теориски предмети, води и своја композиторска класа. Од неа се излезени дел од претставниците на помладата генерација македонски композитори меѓу кои Валентина Велковска-Трајановска, Михајло Штерјев, Вулнет Таири, Борис Светиев. Впечатлива е и научната и публицистичка дејност на Манчев. Освен книгата „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“, како и коавторството во монографијата на академик Тодор Скаловски, со свои трудови настапувал на повеќе меѓународни симпозиуми, а дел од нив се печатени во нашите стручни списанија и зборници.

Композиторскиот опус на Томе Манчев е богат и разновиден. Композиторот пројавуваше посебен афинитет кон оркестарската музика, создавајќи значајни дела како симфонијата „Паганофонија“, композициите „Егзодус“ и „Стара песна“, Симфонија-реквием. Меѓу често изведуваните дела на Томе Манчев се „Песна и Танец“ за гудачки оркестар, „Три скици“ за дувачки квинтет, сонати за виола и пијано, обоа и пијано, виолина и пијано, „Танец“ за ударни инструменти и пијано, „Интрада и Капричо“ за камерен квинтет, „ДД…“ за флејта, бројни хорски композиции и др.Во неговите дела се препознава длабоката поврзаност со македонската музичка и духовна традиција, тие се одликуваат со голема емоционална напнатост, отворено манифестирана или скриена драматика, како и со посебно чувство за инструменталниот колорит. Делата на Томе Манчев се изведуваат на концертните и фестивалски подиуми во Македонија и други земји.

За својата композиторска дејност Томе Манчев е добитник на повеќе награди: наградата на Републичката заедница за култура, наградата „Панче Пешев“ (неколку пати) на Сојузот на композиторите на Македонија за најуспешното остварување во македонското музичко творештво и наградата „Трајко Прокопиев“ на СОКОМ за животно дело. За долгогодишниот придонес во музичката педагогија Томе Манчев е добитник на наградата за животно дело на Здружението на музички и балетски педагози на Македонија.

Вработените и студентите на Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе го памтат проф. д-р Томе Манчев како исклучителен професионалец, вреден и посветен наставник на првиот, вториот и третиот циклус студии на кои држеше настава по повеќе теориски предмети и беше ментор на магистерските и докторските трудови. Неговиот лик и дело се неизоставен дел од дејноста на Факултетот за музичка уметност – Скопје и засекогаш и‘ припаѓаат на музичката култура на Македонија.

Факултет за музичка уметност – Скопје