Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

20 години ИРАМ/БузАр со промоција на две книги за македонската музичка култура на ФМУ

Објавено на: 02 септември 2020

На 4 септември 2000 година во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност - Скопје се одржа првиот концерт кој беше снимен во дигитална форма и од него отпечатен првиот компакт диск. На првиот концерт Димитрије Бужаровски ги праизведе Вечеринките (9 ноктурна за пијано) оп. 49, така што оваа година се навршуваат и 20 години од нивната праизведба.  

Тие беа снимени во новото дигитално студио изградено на ФМУ во рамките на Темпус проектот со кој се отвори и програмата за сонологија на првиот и вториот циклус студии, на која првите студенти беа примени во октомври 2000 година. Со тоа и програмата за сонологија при ФМУ, која подоцна прерасна во сонологија со мултимедија и на која дипломираа, магистрираа и докторираа над 60 студенти на ФМУ, го одбележува својот дваесетгодишен јубилеј.

Во изминатите 20 години ИРАМ, кој подоцна беше трансформиран во архивот БузАр, прерасна во една од најголемите институции за архивирање на звучното културно наследство, не само во македонски, туку и во балкански рамки. Во моментов архивот БузАр поседува 2 терабајта од аудио, видео, фотографии, текстови, партитури, мелограми и друг графички материјал, од кој се издвојуваат 14 дигитализирани колекции со музички фолклор со повеќе илјади песни, ора, приказни и друг говорен материјал, 110 снимени концерти, видеа од концерти на ансамблите на ФМУ, спотови, 170 кратки документарни видеа, 14 документарни видеа - портрети на истакнати македонски културни дејци, 119 емисии на Студентското интернет радио при ФМУ итн.

Одбележувањето на јубилејната година на ИРАМ/БузАр започна на 24 јануари 2020 година со промоцијата на најновото документарно видео за доајенот на македонската народна музика Благоја Дескоски.

Централниот настан се прославува со два најнови проекта во БузАр, двете книги за македонската музичка култура: Музички клуч од Трена Јорданоска и Од Шеќерна до Деспина од Димитрије Бужаровски. Првата книга ја обработува историјата на пијаноштимерите во Македонија, додека втората е посветена на двете сценски дела Шеќерна приказна и Деспина и мистер Докс и во која се обработени настаните околу нивното создавање и изведби, како и детална музиколошка анализа на нивната музичка содржина. Книгите комплетно се обработени и подготвени за издавање во печатена и електронска форма, и ќе бидат поставени за бесплатно користење на сајтот на БузАр http://buzar.mk на денот на јубилејот, 4 септември.

Посебно сакаме да истакнеме, дека карактеристика на овој архив е дека сите негови активности (вклучувајќи го и издавањето на овие две книги) се организирани исклучиво на волонтерска основа на групата професори и студенти која ја предводи Димитрије Бужаровски.

Со оглед на околностите, наместо планираниот настан со концерт и проекции на видеа, се одлучивме да ги прикажеме видеата за историјата на ИРАМ/БузАр и двете книги што ќе бидат промовирани на овој ден, во рамките на електронска конференција преку платформата Зум, на која е поканет ограничен број учесници кои ги следеле или учествувале во настаните и активностите на ИРАМ/БузАр. Конференцијата е закажана за 4 септември 2020 година (петок) во 10 часот и планирано е да трае 30 минути. Конференцијата ќе биде снимена и поставена на Јутјуб каналот на ФМУ истиот ден и со тоа пристапна за сите кои се заинтересирани за овој настан.