Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Обраќање на деканот на ФМУ - Скопје проф. м-р Живко Фирфов до дипломираните студенти на прв и втор циклус студии

Објавено на: 06 декември 2020

Почитувани дипломирани студенти на прв и втор циклус студии на Факултетот за музичка уметност – Скопје!

Ми претставува особено задоволство во име на вработените на факултетот и во мое лично име денес, на 6 декември – Денот на факултетот, да ви го честитам дипломирањето, со што се вбројувате во новата генерација завршени студенти на нашата институција. Радоста е уште поголема ако се земе предвид дека завршниот, а и најтешкиот дел на вашето студирање се одвиваше во неочекуваните вонредни околности на пандемија, кога сите ние и поединично, и како институција се соочивме со многу предизвици. Часовите и подготовките за дипломски испит се одвиваа во условите на онлајн наставата за која сите сме свесни дека не може да се спореди со најпожелниот начин на „живата“ комуникација природна за нашата уметност. Сепак, успеавме да се прилагодиме на предизвиците, и резултатот на тоа сте вие – нашите дипломци во 2020 година во која Факултетот за музичка уметност – Скопје ја одбележува 54-та годишнина од своето постоење.

Како никогаш досега, важи постулатот дека во педагошкиот процес резултатот е заеднички. Вашите напори и заложби одеа заедно со напорите и заложбите на вашите наставници да ви помогнат да ги достигнете новите сознанија и умеења во вашата професија и да ги совладате препреките и искушенија на вонредните услови. Како декан на Факултетот за музичка уметност – Скопје горд сум на вас и на сите вработени на нашата институција, бидејќи заедно успеавме да бидеме организирани и одговорни за да ги извршиме нашите задолженија.

Ви пожелувам да ги памтите добрите нешта кои ги научивте во текот на студиите, да им ги пренесувате на следните генерации преку вашата професионална дејност – дали како творци, или како интерпретатори, педагози, новинари, научници. Што и да работите правете го тоа квалитетно и професионално, одговорно, совесно и со задоволство од вашата, односно нашата заедничка најубава професија. Памтете дека сте завршени студенти на првата музичка, а во изминатите 10 години – и балетска високообразовна институција во РС Македонија при нејзиниот прв Универзитет, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. И да знаете – Факултетот за музичка уметност секогаш останува ваша матична куќа кадешто сте добредојдени за разговор, консултација, совет, споделување и размена на искуства и, секако, за натамошното стручно надградување на повисоките циклуси на студиите.

Ви пожелувам добро здравје, значајни професионални достигнувања и радост од резултатите на вашиот труд. Нека ве следи среќа во животот – и професионален, и приватен.

Декан на ФМУ – Скопје

проф. м-р Живко Фирфов