Објавено на: 01 јуни 2022
По специјална покана на организаторите и под водство на проф. м-р Сашо Татарчевски, женскиот дел од хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје учествуваше на еден од најголемите фестивали на универзитетски ансамбли, "UNIVERSITAS CANTAT" во Познањ, Полска. Во периодот од 18. до 21. мај 2022 година хорот имаше три концертни претставувања, учествуваше на мастеркласи на кои се подготвуваа праизведби на две хорски композиции, како и на работилници со врвни инструменталисти од Полска. Хорот ја имаше честа да настапи со целовечерен концерт во катедралата која важи за една од најзначајните во земјата, имајќи предвид дека градот Гњезно е првата престолнина и прво седиште на бискупијата на Полска. Освен тоа, хорот одржа концерт и на прекрасната сцена на концертната сала на универзитетот „Адам Мицкјевич“ во Познањ, а ја доби и честа да го отвори завршниот концерт на кој настапија сите хорови учесници на фестивалот. На концертот во Гњезно хорот изведе програма со духовни композиции, а на концертите во Познањ програмата беше составена од композиции од македонски автори. Квалитетот со кој се претстави хорот доби голем одек и одлични критики од сите присутни на концертите. По пауза од четири години, ова беше прво гостување на хорот на сцените во странство и претставува голем поттик за враќање на патот на меѓународни успеси.