Објавено на: 28 мај 2024
Второто издание на „Credence Dance“ танцовиот фестивал во организација на ФМУ - Скопје, ќе се одржи во период 1 - 5 јуни 2024.
Учество ќе земат студентите од првиот и вториот циклус студии, алумни на факултетот од катедрата за балетска педагогија, како и гости од Универзитетите од Германија, Унгарија, Србија и Полска. Фестивалот е конципиран во три изведувачки блока, односно во три концертни вечери. Првата вечер ќе ќе се одржи на 1.6.2024 на малата сцена на НОБ. На програмата е доминантно современ танцов репертоар. Втората вечер е посветена на класичната балетска програма. Таа ќе се одржи на 4.6.2024 на големата сцена на НОБ каде ќе бидат изведени фрагменти од најзначајните балетски дела „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“, „Дон Кихот“, „Оревокршачка“ и други. Покрај студентите, на сцената ќе настапат танчери од Националната опера и балет и гости од Велика Британија, Шпанија и Унгарија. Финалната вечер ќе се одржи на 5.6.2024 год. Во структурирање на концептот и подготовката на изведбите учествуваа проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, проф. м-р Александра Мијалкова и проф. д-р Искра Шукарова, м-р Ивана Коцевска, м-р Елизабет Колевска и Горан Божинов.
Во рамки на фестивалот ќе биде доделена наградата за трајни вредности во македонската танцова уметност, награди за најдобра балетска рецензија напишана од студентите на ФМУ и признание за млад талент. „Credence Dance“ дава можност за презентација на достигнувањата на студентите како што едновремено создава простор за размена на искуства со гостите кои се дел од него.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура.