Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Одржана промоција на каталогот за мелограмите од легатот на истакнатиот македонски фолклорист Васил Хаџиманов

Објавено на: 23 април 2018

На 18.4.2018 година, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во присуство на министерот за култура, г-дин Алаѓозовски, пратеници од Собранието на РМ, претставници на МАНУ, други институции и стручната јавност,  беше промовиран каталогот на дигитализираните мелограми од легатот на истакнатиот македонски фолклорист Васил Хаџиманов, кој го изработија студентите на програмата од вториот циклус студии за музички науки при ФМУ-Скопје, Николче Витковски и Цветанчо Николоски, под менторство на проф. д-р Димитрије Бужаровски.

На свеченоста, каталогот им беше предаден на претставниците на Македонската академија на науките и уметностите, каде се наоѓа овој легат. Во овој каталог се попишани 10.166 мелограми, кои се дел од обемниот легат на Васил Хаџиманов што се наоѓа во архивот на МАНУ. Со попишувањето на мелограмите се прави уште еден важен исчекор во содржината на легатот и брзото и лесно пребарување, посебно имајќи ја предвид неговата обемност.

Овој настан, исто како и попишувањето на комплетната содржина на легатот е од посебно значење за заштитата на македонското духовно културно наследство, е дел од посветената работа на  „Архивот Бужаровски“ (BuzAr), каде што каталогот ќе биде примарно депониран.

Поводот за попишувањето на мелограмите произлезе од работата врз колекцијата на носачи на звук (ленти и касети) од истакнатиот македонски фолклорист Кирил Пенушлиски, која е дигитализирана во „Архивот Бужаровски“ од вонр. проф. д-р Трена Јорданоска во 2008 година. При тоа, во метаподатоците кои ги придружуваа лентите било назначено дека дел од нив се мелографирани од Васил Хаџиманов. По завршувањето на оваа каталогизација беа скенирани 787 мелограми од кои 610 мелограми се поврзани со Колекцијата Пенушлиски.

На овој настан беше одбележана 25-годишнината од првите две дигитални снимки на хард-диск од творештвото на Димитрије Бужаровски, кои се првите дигитални снимки на хард-диск не само во Македонија, туку и на Балканот.

„БузАр“ е најголемиот дигитален архив на звучно културно наследство во Република Македонија и пошироко на Балканот. Во него се наоѓаат дигитализирани и во најголема мерка каталогизирани 2 терабајти со аудио, видео, фотографии, книги, есеи и публицистички текстови, МИДИ, партитури, мелограми, бази на податоци – поврзани со македонското и балканското културно наследство.

Меѓу нив посебно се издвојуваат 14 обемни колекции со музички и говорен фолклорен материјал (Фирфов, Видоески, Пенушлиски, Брзанов, Линин, Бадев, над 1500 детски песни и игри снимени во видео формат од Македонија, Косово и Јужна Србија), но и сопствената продукција на 20 документарни филмови и целокупни концерти (Ѓорѓи Доневски, Бапчорки, Костурчанки, Калистрат Зографски, портрети на Александра Џамбазов, Љубомир Бранџолица, Јордан Цаневски, Зоран Димитровски, Иван Кочаров, Евушка Трпкова-Елезовиќ, Снежана Анастасова Чадиковска, Јени Јол, Ендејдик итн.), 6 музички спотови, над 190 кратки видеа од хрониките на ИРАМ и „БузАр“ и над 110 аудио снимки од концерти.